Берачите на грозје пристигнаа во Тиквешијата: Неготино е Германија за нас!

by Fokus

Секоја година за време на гроздоберот во Тиквешијата, при крајот на август, па се до почетокот на октомври, доаѓаат стотици берачи на грозје од целата земја. Се работи за Ромски семејства кои престојуваат во изнајмени соби или цели куќи во Неготино и Кавадарци и секој ден го минуваат низ лозјата на локалното население.

Семејството на Ферус од Кочани пристигна помеѓу првите во Неготино. Тој заедно со сопругата, децата, но и блиски роднини веќе е сместен во изнајмена трошна куќа во центарот на градот. Петнаесет членови на неговото семејство започнаа со секојдневната берба, а за ,,Фокус” раскажуваат дека ова е периодот во годината кој едвај го чекаат.

-Пристигнавме пред една недела бидејќи веќе започна бербата на грозјето од сортата ризлинг. Секое утро, во шест часот започнуваме, сите до еден. И децата, оние кои се повозрасни, петнаесет, шеснаесет годишни, и тие берат. Помалите, десетгодишните, и тие доаѓаат со нас на лозјата. Во последните неколку години работите со берачите тргнаа на подобро, имаме поголеми дневници. Ако во минатото дневницата беше 600 денари, годинава под 1.000 денари не тргаме. Покрај дневницата, добиваме појадок или ручек, зависи како ќе се договориме со газдите, ама најчесто добиваме плус 100 денари, па си носиме храна од дома – раскажува Ферус.

Вели дека најмалку 40 дена ќе останат во Неготино. Неговото петнаесет члено семејство дневно, во тек на гроздоберот, заработувало по 15.000 денари. Во тек на 40-те дена, додека трае бербата, очекувал да се врати назад во Кочани со заработка од околу 10.000 евра, ако не и повеќе, бидејќи се случувало во еден ден да берат наутро кај еден лозар, поручек кај друг.

-Сега имаме и работно време, не е како порано. Од шест започнуваме, во еден попладне веќе завршуваме со работа и се враќаме дома. Ако сме одморени и ако некој не повика на берба и во попладневните часови, повторно одиме, но тогаш наплаќаме од час, по 100 денари. Тешко е, цел ден на лозје, на жегата, ама што друго можеме да работиме? Во Кочани повремено одиме на оризовите полиња, кога има работа, значи ние сме сезонци, кога ќе не викнат, тогаш работиме. Може да се случи цела зима да немаме никаква работа, а мора да преживееме и да се прехраниме. Затоа со радост го чекаме гроздоберот, кој за нас е како да одиме на печалба. Неготино ни е како Германија, 40 дена тешка работа, потоа се релаксираме – раскажува Ферус.

Неговата сопруга вели дека воопшто не е лесно, сместени се во мала куќарка, сите петнаесет души спијат во една соба. Целата соба е послана со душеци, нема мебел, имаат мала кујна и купатило.

-Тешко или не, мора да се издржи. Да не е гроздоберот, ние толку пари никогаш нема да видиме во рака. Еве, и самите гледате  во какви услови престојуваме, но мора да заштедиме додека сме овде, не може да бараме скапо сместување, тука сме дојдени да заработиме, а не да уживаме. Не е лесно, и децата ги носиме, и тие работат, но така било и со нас кога сме биле на нивна возраст. Свикнати сме веќе, не се жалиме на ништо – раскажува таа.

И додека од една страна берачите се задоволни од заработката, лозарите пак и годинава се жалат поради ниската откупна цена на грозјето. Во петокот тие излегоа на мирен протест на градскиот плоштад во Кавадарци и порачаа дека од винариите бараат 16 денари за килограм смедеревка и 18 денари за килограм вранец. Доколку не им се излезе во пресрет, најавија порадикални протести.

Поврзани новости