Бени Шаќири: Рокер во срцето

by Фокус 14:55
14:55

Импулсивен, срдечен, рокер во срцето, но со силна почит кон сите создавачи на музиката, посебно македонската. Сосема спротивен на сликата што многумина ја имаат за него. Грижлив татко, а и сопруг, човек кој точно ги знаеше своите локации, па токму затоа лесно ни беше да ги лоцираме „неговите“ места во кои може да се види во Скопје Сити Мол, каде што доаѓа дури и кога не е на свирка. Најчесто е во опуштено издание со семејството во игротеката „Имагинариум“ или на шопинг  по омилените парчиња од брендовите „Риплеј“ и „Дизел“ во „Фешн енд Френдс“. За кафе има неколку места, но ние го однесовме во „Плеј“, каде што со персоналот беше на ти.

Со љубов ни раскажуваше за сопругата и за синовите, но и за музиката. Новинарство тече во неговите вени преку неговиот татко, но никогаш доволно силно за да ја исфрли музиката од игра. Иако имал свој обид пред дваесетина години во Сител телевизија.

- Advertisements -

ФОКУС: Сите ние го следиме патот на родителите. Често тие се нашите први идоли, нашиот идентитет. Па, токму затоа, никогаш не посакавте да бидете новинар?

БЕНИ ШАЌИРИ: Јас имав можност да ја пробам оваа професија. Тоа беше моето прво и единствено искуство. Го направив пред дваесетина години, во времето на основањето на Сител телевизија. Тоа беше единствениот обид за новинарството во мојот живот. Јас никогаш не би го работел тоа, но затоа тоа е избор на мојата сестра и, иако ми е сестра, морам да споменам дека таа е добра во тоа. Кај нас често се мешаат поимите новинар и презентер. Кога си новинар, треба да си голем професионалец, кој е добро поткован. За водител треба да имаш други способности: да си начитан, да имаш однос со камерата, да си харизматичен. Дури и да не си убав, камерата треба да те сака, да бидеш насмеан и ведар. Тоа се елементите кои јас можеби ги имам, но можеби и не. Тоа не е ни важно, затоа што едноставно не ме предизвикуваше. Генерално јас се наоѓам себеси во ова што го работам.

ФОКУС: Полесно ли е да се биде син кој пркосно ќе си го избира патот кон иднината или татко кој треба да ја трасира патеката на своите деца?

БЕНИ ШАЌИРИ: Полесно е да се биде дете. Додека си мал, сѐ очекуваш од своите родители. Титулата родител ја стекнуваш најчесто по слободна волја, порано или подоцна со добивањето на твоите деца. Треба да си добар човек, треба да имаш душа, треба да сфатиш дека тие деца дошле на свет благодарение на твојата желба, со Божја помош, нормално заедно со мајката, нели. Огромна е одговорноста што ја имаме како родители. Тие деца на свет дошле по твој избор, а твоја задача е да ги изведеш на прав пат. За жал, ние не сме тие кои со сигурност би можеле да го знаеме тоа сега, во овој момент, секако треба да мине долго време, дваесетина години за да видиме дали навистина сме успеале во нашата мисија како родители.  Децата многу често знаат да скршнат од вистинскиот пат, да бидат во некој друг филм и тогаш и ти како родител жалиш. Но, тоа е таа родителска тага или среќа, во зависност од животните околности со кои сите ние се соочуваме. Светот, сепак, е шарен, иако сите ние посакуваме да ја имаме само среќната варијанта.

ФОКУС: Колку љубовта кон музиката е сеприсутна во вашиот живот покажува и фактот што првото синче доби име по еден од вашите музички идоли. Случајно или намерно?

БЕНИ ШАЌИРИ: Знаете како, со сопругата направивме компромис. Мојата сопруга е извонредна личност, но и многу остроумна, и покрај тоа што е многу млада, јас сум поприлично повозрасен од неа. Бидејќи мене Џегер ми е идол, а Мик на албански значи пријател, таа предложи да направиме еден спој во името Мик. Јас се восхитив и прифатив. Така Мик го доби своето име. Кога го добивме второто синче, исто така одлучивме да добие име на пејач. Нејзиниот предлог беше Бен, по моето име. Овојпат јас сум почесниот пејач. Па, така моите синови имаат интересни имиња, едниот на многу познат пејач, а другиот на пејач во обид.

Инаку Мик е многу музикален, пее и слуша музика. Ги знае песните, бара да ги слуша. Држи гитара, левучар е, па си мислам може ќе биде како Хендрикс. Ако продолжи вака со овој интерес, јас ќе направам сѐ за да му овозможам да го изрази својот талент.

ФОКУС: Ова значи дека сте предан и одговорен татко?

БЕНИ ШАЌИРИ: Да, многу. Досега јас сум многу добар и одговорен татко.

Во Скопје Сити Мол беше одбележан и меѓународниот ден на џез-музиката. Агенцијата „Баги комуникации“, во партнерство со Скопје Сити Мол се приклучија на светската прослава, која традиционално се одржува на 30 април веќе трета година по ред. Одбележувањето е под покровителство на УНЕСКО и е со цел да се потенцира џезот и неговата дипломатска улога во обединувањето на луѓето од сите делови на светот. Токму по тој повод, пред Скопје Сити мол се одржа бесплатен концерт, на кој настапија неколку македонски групи: „Кабадајас“, најпознатиот македонски фјужн состав, „Оскар салас трио“, предводени  од познатиот кубански перкусионист Оскар Салас, „Марија џез-трио“, „Дуо Бојковски“, состав од македонски акустични гитаристи, како и Марга Сол – познатата македонска музичарка и диџејка.

На концертот се емитуваше видеопораката на познатиот џез-пијанист Херби Хенкок, амбасадор на добрата волја за интеркултурен дијалог во Унеско.

ФОКУС: „Си беше еднаш“ на македонски, а „Karrocë“ на албански е плод на вашата соработка со Ориѓански. Дали ова е сигнал дека почнува едно ново музичко поглавје во вашата музичка карта?

БЕНИ ШАЌИРИ: Не, не би можел пред време ништо со сигурност да тврдам. Но, да, станува збор за нешто што е ново и малку поспецифично во однос на мојот музички израз досега.

Ова е новиот сингл кој веќе е пуштен во етерот. Се случи на предлог и на желба на Златко Ориѓански, кој дури и со резерва ме праша дали би сакал да соработуваме. Веројатно, тој мислеше дека јас освен рокенрол, друго не би сакал да работам. Јас оваа соработка ја прифатив затоа што сметам дека Златко Ориѓански е еден од најоригиналните автори во Македонија во последниве триесетина години. Тој ја поседуваа онаа препознатлива линија на творештво, па затоа е голем предизвик да се работи со него. Па, така соработката се случи на обострано задоволство.

ФОКУС: Речиси сите што ја слушнаа оваа песна, освен што констатираа дека имаме хит, забележаа и дека вашиот вокал многу потсетува на вокалот на Бебек. Колку ви се допаѓа таа споредба?

БЕНИ ШАЌИРИ: Да бидам искрен, неблагодарно е кога човек ќе созрее, да се откаже од своите татко и мајка. Жељко Бебек е еден од моите музички татковци, ако може да се каже така. Јас кога бев мал, кога свиревме, сакав да звучам како Бебек, како Сергио Блажиќ од „Атомско склониште“, Дејвид Ковердејл… Веројатно јас имам по нешто од  секој од нив. Па, токму затоа оваа споредба, за мене е комплимент.

ФОКУС: Оваа интересна музичка комбинација се случи сосема спонтано. Но, има луѓе кои толкуваат дека исти политички ветришта ве доближија поблиску. Има ли простор за политика во вашата музичка карта?

БЕНИ ШАЌИРИ: Не знам што точно мислат луѓето. Но, едно е точно, ако Златко е најдобар во тоа што тој го работи, и ако тој се одлучил да ми предложи една ваква соработка, тоа веројатно е резултат на квалитетот што го поседувам, а не на нешто друго. Посебно не како резултат на некаква политика. Малку не е убаво да зборуваш во суперлативи за себе, но тоа е.

ФОКУС: Тие што ги следат вашите свирки, сметаат дека сте еден од тие што комуницираат со публиката. Знаете лесно да ги преслушате. Колку е ова пресудно за успешна свирка?

БЕНИ ШАЌИРИ: Апсолутно, тоа е еден од најсуштинските елементи. Сите ние што сме на сцена, таму сме поради таа публика, секако не е тоа поради тоа што ние сме некакви убави ликови. Публиката е таа поради која ние постоиме. Ако ја нема таа врска, тогаш еден пејач може веднаш да си ја заврши својата кариера.

ФОКУС: Може ли да се живее од музика во Македонија?

БЕНИ ШАЌИРИ: Во моментов е проблематично. Но, јас немам намера, барем засега, да работам на пример во пошта или во некој бутик. Едноставно не можам да се пронајдам во таквата улога. Јас го работам тоа што знам, го работам со многу труд и љубов. Не знам што друго би можел да работам, ако не е музиката.

ФОКУС: Кои се за вас највпечатливите моменти од вашите музички настапи? Носите ли нешто од тие настапи дома или кога ќе се вратите едноставно се посветувате на други нешта?

БЕНИ ШАЌИРИ: Да бидам искрен, моите впечатоци од настапите постојано си ги носам дома, и покрај тоа што се многу. Никогаш не успевам да ги проанализирам сам, па ги споделувам со мојата сопруга. Често се случува некои и да се заборават. Сакам да раскажам како сум поминал, кој ми бил на свирка, со кого сум муабетел. Сопругата понекогаш посакува да биде дел од настанот што го споделувам со неа. Сите тие впечатоци мотивираат. Инаку ова е работа која е мошне шаренолика. Некогаш имате убави моменти, најчесто е така, но има и чудни ситуации. Еве на пример токму вчера имав една интересна, повеќе би рекол, чудна случка. Дојде еден човек кој се однесуваше непријатно. Не направи проблем, но начинот на кој се однесуваше беше вулгарен. Подоцна открив дека тој е свештено лице, што дополнително ме изненади и ме зачуди. За среќа, сѐ добро се заврши. Секој од нас понекогаш има жолта минута.

ФОКУС: Има ли простор во вашиот живот за музика плус. Слушате ли музика кога, ете, не сте на работното место?

БЕНИ ШАЌИРИ: Ме интересира сѐ што се однесува на музиката и на музичкиот свет. Јас следам сѐ. Често со моите пријатели знаеме да констатираме дека во последниов период во музиката не се создаваат квалитетни песни како порано. Можеби треба да помине време да се ислушаат и новите песни.

ФОКУС: Тешко е дека има шарм во вистинската уметност. Музиката ќе стане уметност кога ќе снема пари, рекол Дјук Елингтон. Дали, спред вас, музиката ја изгуби смислата во морето на технолошките достигнувања и електронската музика?

БЕНИ ШАЌИРИ: Не, немаат врска технолошките достигнувања. Тие на извесен начин ѝ ја олеснија ситуацијата. Имаше еден период кога ние не создававме квалитетна музика, па се вадевме на овој момент. Не е точно. Музичкиот развој нема напредок со технолошкиот развој. Напротив, во светски рамки тоа само ја подобри музиката. Што се однесува до електронската музика, луѓето со помош на компјутерите почнаа да се декларираат како музичари, тоа е некаква одлика на ова ново, модерно време во кое живееме. Нам како генерација тешко ни е да прифатиме дека ќе дојде некое типче и ќе ни каже свирам музика. Ние го прашуваме: Што свириш, а тој ни одговара – пуштам музика. Притиснува плеј, па за него тоа е пуштање музика. Секако не е тоа толку просто како што јас го поедноставувам, сигурно и тоа слуша, бара и сл. Поентата ми е дека и диџеите денес го имаат комплексот на музичарите. Ние сите мора да сфатиме дека светот оди напред, дали тоа нам ни се допаѓа или не. Публиката го прави изборот.

ФОКУС: Што е пресудно за музиката, чувството за ритам, силата во рацете или некој внатрешен оган кој лесно се шири, или можеби сево ова заедно?

БЕНИ ШАЌИРИ: Според мене и моите анализи, веројатно секој музичар мора да има допир од Господ. Така јас го сфаќам. Тоа е пресудно, тоа е благословот за да се занимаваш со некоја работа. Еве, на пример, пред мене е апаратот на вашиот фоторепортер. Тој седнува, легнува, го бара она што сака да го добие, сака да го извади кадарот што го замислил. Тоа му е вродено. Мене, на пример, не ме бива за тоа. Јас дури и моите деца кога ги фотографирам, изгледаат чудно на фотографиите. Едноставно не сум надарен за тоа. Тој талент, тој Божји дар што секој го носи во себе, треба само да се надградува.

ФОКУС: Многумина сметаа дека успехот е составен од 99 отсто работа, а само еден процент талент. Има ли некоја вистина во ова од ваш агол?

БЕНИ ШАЌИРИ: Па, не се согласувам дека само еден процент е талент. Талентот е суштината. Мора да го имаш. Секако може да имаш талент и желба, но за да успееш, треба многу работа. Порано викаа, еј види го детево, има ритам, ќе го биде. Но, ќе заврши музичка академија и ништо нема да се случи. Сите ќе се прашуваат зошто. Занимавањето со музика не значи само образование. Голем дел од светските музичари не се образовани музичари, но успеале. Клептон, Брајан Адамс, Стинг и други. Тие никогаш не завршиле музичка академија, а се успешни. Е сега суштинско е тоа што секој од нив многу работи. Еве Влатко Стефановски е виртуоз на гитара, но тој сѐ уште многу се труди. Тој е постојано со гитарата и постојано везе на неа. Јас не се сеќавам дека сум го видел без гитара. Талентот е всушност како небрусен дијамант. Мораш да го избрусиш, за да светне.

Во Скопје Сити Мол, денес бевме и сведоци на два интересни настана. Едниот беше Глобално село, соработка на АИЕСЕК Скопје и Сити Мол го организира настанот „Global Village – Глобално село“. Целта на настанот беше сплотување на културите на едно место и проширување на видиците на нашето општество.

ФОКУС: Минатата година Дирекцијата за заштита на личните податоци те именуваше за свој амбасадор. Што всушност значи тоа, која е твојата улога во таа кампања? Ја постигнавте ли целта?

БЕНИ ШАЌИРИ: Луѓето ми се јавија, ме прашаа, ми објаснија. Прифатив да бидам дел од тоа. Ми објаснија дека нема некаква заработувачка од тој мој ангажман затоа што тоа е непрофитабилен проект. Јас прифатив за да имам некаков мал учинок во едукацијата на младите како да си ги заштитат своите податоци, посебно во ова време во кое живееме. Сега сѐ им е достапно на сите. Целта беше да им покажеме како да ја сочуваат својата приватност. Таа соработка беше спонтана. Направивме неколку активности. Тоа беше сѐ. Веројатно кога повторно ќе има потреба, ќе ме контактираат.

ФОКУС: Една ваша музичка збирка доби мошне интересен наслов „Лектира“. Колку еве вас лично, лектирите ве враќаат на детството, на некои убави безгрижни времиња?

БЕНИ ШАЌИРИ: Па, да, кога ќе се сетам на сите лектири, се потсетувам на детството. Тоа беше безгрижно сѐ додека моите родители не ми ја прекинеа детската игра, укажувајќи ми дека е време за читање на лектирите. Тоа ме фрустрираше затоа што додека другите играа џамлии, фрлаа топки и слично, јас морав да читам дома. Но, така размислував како дете. Сега ми е драго што сум ги читал тие лектири. Тие секогаш ме враќаат назад во детството. Тие се некаква издржана форма во периодот кога ние се обликуваме како личности.

Инаку мојот албум го доби името „Лектира“ затоа што тие песни за мене, но и за другите, се вистински лектири. Ние често сме фасцинирани од влијанието однадвор, па често ги забораваме работите кои се наши корени. Ние секогаш повеќе сме наклонети кон тие ветришта кои дуваат однадвор. Токму затоа сакав да оддадам почит кон тие музички парчиња од Македонија, кои се лектира за секој од нас. Тие песни мораа да имаат почесно место во нашите фонотеки. Јас сакав да ги испочитувам и творците на тие песни. Тоа беше мој начин да им кажам благодарам за тоа што го создале во македонската музика. Тие ни го трасирале патот. Животот не почнува со нас, туку со тие кои создавале пред нас.

ФОКУС: Кои се музичарите на кои им се поклонувавте?

БЕНИ ШАЌИРИ: Има такви и во Македонија, но и во светот.  Најдобар пејач на сите времиња кој се појавил на оваа планета е Фреди Меркјури. Не верувам дека некогаш ќе се роди некој таков пак. Таков талент нема. Технички можеби има и други, но неговиот талент е единствен. Јас да видам кој било на улица што ќе се појави во бели шорцеви, ќе се скинам од смеење, но ете тој знаеше како да ги носи на настап. Тоа е чудо, некоја неверојатна енергија. Концерт кој ме воодушевил беше концертот на Брајан Адамс во Белград, од друга страна концертно разочарување ми беа „Грин деј“, а толку ги сакав. Ме фасцинираа „Ејси-диси“. Стив Лукатер ми е најдобриот гитарист на сите времиња и Стинг. Во Македонија им се восхитувам на Мики Јовановски-Џафер,  дури жалам што не е музички активен сега, потоа Сеад Јакупи, Гранит Тачи од  „Лева патика“. Влатко Стефановски како мастерс гитар кај нас. Не ги сакам овие шоу за таленти.

ФОКУС: Ве доживуваат како див, па на моменти и студен, арогантен, но затоа, пак, на свирките ве опишуваат како срдечен. Каков е всушност вистинскиот Бени?

БЕНИ ШАЌИРИ: Јас сум обичен и пристоен. Знам да бидам и дрзок и арогантен, но ако сум предизвикан да бидам таков. Мана ми е мојата импулсивност. Не сум злонамерен, сакам да им помогнам на луѓето што им треба. Сакам да бидам едноставен.

ФОКУС: Освојувањето на Балканот беше една од вашите цели. До каде сте? Тргнавте ли на тој пат или сѐ уште сте посветени тука во Македонија?

БЕНИ ШАЌИРИ: Освојувањето на Балканот е пуста желба на секој од нас. Балканот може да се освои онолку колку што го освои Даниел Кајмакоски за последниве 6 месеци. Тој беше популарен додека го гледавме на телевизија. Сега, по завршувањето на шоуто, никој веќе не го споменува, иако не поминаа ни 20 дена од тоа. Медиумите се тие што те прават ѕвезда, без разлика колку ти си добар. Затоа човек мора да најде начин да си го обезбеди својот пат.

ФОКУС: Има ли простор за љубовта во вашиот живот, покрај музиката и родителството?

БЕНИ ШАЌИРИ: Да, има. Ја сакам сопругата, си ги сакам децата. Ги сакам и членовите на моето потесно и пошироко семејство, пријателите, луѓето што гравитираат околу мене. Јас без тие луѓе не можам да живеам, секојдневно се слушаме, се дружиме. Ние сме испреплетени меѓу себе со своите животни приказни. Без љубов не се живее, колку и да звучи патетично. Сите ја имаат таа емоција, па дури и тие што важат за студени личности.

Поврзани новости