Бектеши радосен што трговците даваат предлози

by Fokus

Министерот за економија Крешник Бектеши вечерва изјави дека се подготвуваат нови мерки за ублажување на ценовниот шок.

На гостувањето во емисијата „Вин-Вин“ на телевизија Телма, Бектеши рече дека се размислува за мерка со која на производителите на основни прехранбени производи или на увозниците на овие производи ќе им се намалат одредени трошоци.

– Како Министерство за економија имаме можност да ги укинеме некои трошоци коишто се во функција. Имаме ланци на супермаркети кои имаат различни промоции и политики на утврдување на цени во нивните маркети. За еден производ има различни трошоци и за производителот и за увозникот на тој производ. Во вакво време, ваквите дополнителни трошоци кои влијаат врз цената, треба да бидат укинати. Тоа би го направиле од наредната недела, бидејќи мислиме дека одредени мерки кај некои трговци се нечесни во време кога има големо зголемување на цените, рече Бектеши.

Според него, не може во време на војна, да се прават истите профити како претходно.

Во вторник очекува да биде разгледан и предлогот на коморите – маржата за одредени прехранбени производи да биде пет, а за други 10 проценти.

–  Тоа е предлогот на трговците и ме радува фактот што тие даваат конкретни предлози и сакаат да излезат во пресрет, рече Бектеши, кој ги повика и граѓаните да пријавуваат во инспекторатите доколку забележат дека има енормно зголемување на цените.

Поврзани новости