Бектеши: Годинава ќе имаме раст на економијата

by fokus

Економијата не може да расте без помош од државата, зашто државата континуирано ја поддржува економијата. Тоа не значи дека мора да биде директна финансиска поддршка од основниот Буџет на државата, но може да се спроведе преку различните политики што ги креира државата за создавање подобра бизнис клима, вели министерот за економија Крешник Бектеши во интервју за МИА.

Нагласува дека средствата за поддршка за 2021 година не се намалени, иако сме во време на ковид криза.

-Годинава ќе имаме раст на економијата, а во таа насока одат и бројките од четвртиот квартал од 2020 година кога речиси во сите приходни ставки во државата имавме зголемување во споредба со 2019 година, а се намали директната поддршка што ја дадовме кон компаниите за финансиска поддршка на платите. Очекуваме да се намали и во наредниот повик што се предвидува со петтиот сет на економски мерки за поддршка на стопанството и граѓаните, порачува Бектеши.

Што се однесува до петтиот сет мерки, Бектеши вели дека подготовката е при крај и наредните денови ќе бидат објавени и презентирани од страна на претседателот на Владата и економскиот тим.

-За неколку од мерките кои се предвидени во петтиот сет секако дека треба да има и законски решенија, имајќи во предвид дека неколку од уредбите веќе се завршени, а дополнително на тоа согласно начинот на кој се дизајнирани мерките ќе треба да донесеме и нови закони. Токму затоа најавивме дека февруари ќе биде клучен и за носење на мерките, но истовремено и за завршување на сите процедури за да се реализираат сите мерки. Од начинот на кој претходно се реализираа мерките може да се заклучи дека некаде во првата половина на март ќе имаат можност сите компании да аплицираат за различните мерките кои ќе бидат презентирани, вели Бектеши.

 

Поврзани новости