Бејли: Многумина тука ми раскажуваат како оделе во Италија за време на комунизмот да купат фармерки

by fokus 20:59
20:59

Фармерките тука претставуваат врска со Западот, рече амбасадорот Џес Бејли на своето обраќање пред присутните на вечерашниот прием по повод 4 Јули.

Како што рече тој, никогаш не добил толку прашања од поканетите гости за дрес кодот којшто го наложи оваа година американската амбасада. Сопругата на Бејли Кејти Бејли, појасни дека идејата била оваа година гостите да го прослават празникот во американски стил.

- Advertisements -

-На денешен ден Американаците не одат на официјални приеми во костуми и тоалети. Ние го поминуваме денешниот ден со нашите фамилии и со нашите заедници. Ние правиме скари, пикници и паради, а на крајот на денот ја пееме нашата химна, седиме на трева и го гледаме огнометот. Го користиме тоа време за да размислиме што претставува Америка за правата и слободите кои ги уживаме, рече таа.

Амбасадорот Бејли посочи дека не посои ниеден друг предмет коишто подобро ја претставува Америка како сините фармерки.

-Фармерките претставуваат индивидуализам, неформалност и почит кон тешката работа. Тие претставуваат фабрики, фарми, рудници, хип хоп, рокенрол и рап. Фармерките ја обединуваат нашата нација, рече Бејли.

Тој додаде дека сините фармерки симболизираат врска помеѓу Источна Европа и Западот.

-Тие претставуваат отцепување од комунистичкиот режим. Многумина овде ми раскажувале приказни како патувале до Италија за да купат еден пар Левис фармерки, платени со грижливо штедените пари. И кога падна Берлинскиот ѕид ние гледавме на нашите телевизори како група на деца кои носат фармерки се качуваат на симболот на поделбата, рече тој.

Денеска, рече тој, е и надежно време за Македонија.

-Луѓето денеска се фокусираат на вркските помеѓу Македонија и нејзините соседи, на Европа, на САД, на НАТО и на ЕУ, на Договорот со Грција и со Бугарија. Голем прогрес беше напревен изминатава година и сме во очкување на добри вести идната недела на Самитот на НАТО, рече Бејли.

М.В.

Поврзани новости