Нема потреба Алијансата за Албанците да биде дел од Владата, потенцира Блерим Беџети, актуелниот градоначалник на Сарај и член на ДУИ, кој беше еден од потписниците на писмото на т.н. огнена група, во интервју за „Макфакс“.
„Сметам дека ниту на ДУИ ниту на СДСМ, а ни на целото владејачко мнозинство не му е потребен дополнителeн партнер, конкретно Алијансата за Албанците да биде дел од власта. Во претходниот мандат беа со ДУИ и СДСМ, па излегоа од Владата, па сега повторно сакаат да се вратат. Тоа не е како да правиме туризам“ појаснува Беџети во интервјуто, а во врска со сѐ позачестените најави за можниот влез на Алијансата за Албанците во власта.
И од партијата Алтернатива, денеска, велат дека не гледаат потреба од проширување на владејачкото мнозинство и не сакаат да отстапат министерско место за Алијанса за Албанците.
Се почестите најави за влез на Алијанса за Албанците во Владата дојдоа минатата недела, кога се одржа и средба на премиерот Димитар Ковачевски со в.д. лидерот на АА, Арбен Таравари. По средбата и Ковачевски и Таравари јасно кажаа дека не разговарале за влез на Алијанса за Албанците во Владата, туку дека во фокусот на средбата била европската иднина на државата, борбата со корупцијата, справувањето со економската и енергетската криза.
Таравари тогаш рече дека можноста за влез на Алијанса за Албанците во Владата не е исклучена, но ако се случи тоа партијата нема да ги помине црвените линии кои се неопходни за да продолжат да преговараат.
И Ковачевски и Таравари, но и претседателот на ДУИ, Али Ахмети не ја исклучија можноста од проширување на владејачкото мнозинство. Ахмети рече дека средбите со претставници на Алијанса за Албаницте се остварени и се очекува каков епилог ќе има од разговорите што ќе се реализираат во иднина. Тој додаде дека се уште не е разговарано за детали бидејќи тоа е тековен процес, но потенцираше дека како Албанци имаат потреба за поголемо единство. Ахмети вели дека ако процесот на преговори има позитивен епилог тоа би придонело многу за остварување на една конструктивност и стабилност на парламентарното мнозинство.
Премиерот Димитар Ковачевски вели дека владината коалиција е отворена за сите политички партии што ја делат визијата за европската иднина на државата. Доколку со Алијанса за Албанците се усогласиме комплетно на овие основни принципи за иднината на државата, вели Ковачевски, а во тоа не се сомнева и ако разговорите продолжат во добар дух како и досега, може да се случи проширување на владиното мнозинство.