Бебето на кумановката која почина за време на царскиот рез од ковид, наполни пет месеци

by Fokus

Кумановката Бранкица Гиговска Ивановиќ (34), која почина во Ниш веднаш откако во 26-та недела од бременоста со царски рез беше породена, зад себе го остави синот Александар, кој тогаш се роди со само 920 грама. Денес, малиот херој веќе има пет месеци и за него се грижат неговиот татко Бранислав и бабата Сета.

Александар живее во околината на Врање, а случајот со неговата мајка, по потекло од Куманово ја потресе јавноста во регионот. Имено, таа позитивна на Ковид-19, во многу тешка состојба беше породена во КЦ Ниш, во 26-та недела од бременоста, со цел да се спаси животот на бебето. Дури неколку пати за време на породувањето била реанимирана, а набргу по раѓањето на Александар починала.

Српските медиуми за малиот Александар пишуваат дека тој е херојот за чиј живот лекарите мачно се избориле.
Неговиот татко Бранислав за Ало.рс раскажува дека цели 25 дена Александар бил на респиратор. Сега напредувал добро, имал веќе над четири килограми и бил мирно бебе кое расте опркужено со љубов. Сепак, без сопругата му било многу тешко, а не успеал дури и да и отиде на погреб.

-Бранкица почива во Куманово. Поради негативниот тест кој во тоа време беше потребен за влез во Македонија не отидов на погреб, но подоцна бев неколку пати. Сега повторно не можам често да и отидам на гробот на мојата Бранкица, бидејќи за влез во Србија ми треба негативен тест- раскажува Бранислав. За Александар вели дека личи и на двете семејства, и на Гиговски и на Ивановиќ.

-По цел сме заедно со Александар, се смее, му зборувам… Многу сме поврзани. Но без Бранкица, навистина е тешко, неиздржливо, вели таткото.
Кумановката Бранкица е една од многуте трудници кои почина од последици на Ковид-19. Во Македонија од почетокот на пандемијата починаа седум трудници, а според извештајот на МЗ од крајот на годината, биле пријавени дури 385 трудници позитивни на вирусот, од кои 109 биле асимптоматски случаи.

 

Вики Клинчарова

Поврзани новости