Бебе родено под 500 грама, во 27 гестациска недела, се избори за живот

by fokus

Министерот за здравство Венко Филипче денеска на Одделот за интензивна нега при Клиниката за детски болести посети предвремено родено бебе во 27 гестациска недела, со родилна тежина под 500 грама, кое е прво во Македонија што преживеало.

Како што истакна министерот Филипче, употребата на нови неинвазивни методи и лекови ја зголемува веројатноста за преживување на предвреме родените бебиња со мала родилна тежина, се скратува времето поминато на интензивна нега, се овозможува побрзо спојување со мајката, а се намалува и можноста за оштетување на нивниот слух и вид.

– Денеска го посетивме единственото бебе во Македонија кое преживеало, а е родено пред четири месеци со родилна тежина под 500 грама во 27 недела. Импелемтирани се сите најнови методи и опрема со поддршка од Министерството за здравство и нашите парнери, рече Филипче по посетата.

Тој додаде дека е употребена специјална форма на вентилација и вбризгување лек кој дава поддршка на белите дробови. Според него, на овој Оддел годинава од вкупниот број новороденчиња кои се предвремено родени и третирани починало само едно новороденче со тешки малформации.

Министерот најави поддршка на работата на сите оддели за интензивна нега во Македонија, а следната недела, како што рече, ќе се склучи договор со Универзитетската болница од Бугарија, чии експерти ќе помогнат во надградување на експертизата на нашите лекари, вработени на интензивна нега на Клиниката за гинекологија. Тој рече и дека во следните две недели ќе се обезбеди и дополнителна опрема и за тој Оддел, со цел, да се подобрат резултатите во преживувањето на предвреме родените деца.

Докторката Аспазија Софијанова појасни дека се воведени нови помалку инвазивни методи со помалку агресија врз детето, што овозможуваат да се скрати неговиот престој на интензивна нега, а при тоа да му се нанесат последици, како проблеми со очите и слухот.

– Ваквите деца се голем предизвик. Следиме дали ќе ја издржи целата процедура и без притоа да имаат последици, и тоа на секои три дена во првата недела. Кога во првиот месец ги прифаќа надворешните сега помалку агресивни методи сме среќни за да може побрзо да биде споено со мајката – рече Софијанова.

Успешна е и борбата за живот на уште едно бебе родено во 27 недела, со родина тежина од 800 грама.  Кај него за првпат била направена неинвазивна апликација на лек кој ја зрее плуќата, без интубација и машина.

 

Поврзани новости