Барселона и Јувентус победија во дерби-натпреварите со Реал и Интер

by Фокус

Барселона со гол во 92-тата минута успеа да стигне до 2:1 победа над Реал Мадрид во уште едно „Ел класико“, со што сега имаат 12 поени предност пред „кралевите“.

Почетокот на мечот не беше многу добар за тимот на Чави Ернандез, откако веќе во 9-тата минута гостите стигнаа до предност, кога по одличниот пробив на Винисиус Жуниор Роналд Араухо ја смести топката во сопствената мрежа за негатива на Каталонците.

По ова, рамнотежата во мечот беше воспоставена, а Барса дојде до израмнувачкиот гол во 45-тата минута, кога по мешаницата пред голот на Тибо Куртоа, Серхи Роберто ја смести топката во мрежата.

По неколку шанси на двете страни, вклучувајќи поништен гол на Марко Асенсио во 81 минута од мечот поради офсајд, во 92 минута Алехандро Балде му асистираше на Френк Кеси, кој го постигна победничкиот гол.

Големо дерби се одигра и во Италија, каде Јувентус го совлада Интер со 1:0 со голот на српскиот интернационалец Филип Костиќ.

Поврзани новости