Балканските пејачи ја обожаваат Македонија, ама само кога треба да ни ги соберат парите!

by fokus 14:08
14:08

Балканските музички ѕвезди Цеца Ражнатовиќ, Аца Лукас, Северина, Жељко Јоксимовиќ, ,,Парни Ваљак,, ,,Црвена Јабука,, Здравко Чолиќ и многу други кои што во последниве неколку години се доста чести гости во Македонија и од своите настапи кај нас заработуваат баснословни суми, потфрлија кога се солидарноста и хуманоста во прашање, и сите нивни изјави во стилот ,,Те сакам Македонијо,, очигледно остануваат само како дел од нивното сценско сценарио пред нашата публика.

Ниту еден од споменатите пејачи на својата официјална страница не изрази сочувство по трагичните поплави, ниту пак понуди било каква конкретна помош за настраданите. Ова нивно однесување и игнорирање на трагедијата на народот за кој што неретко изјавуваат дека го сакаат како свој, ги разгневи нивните фанови, па деновиве на социјалните мрежи можат да се забележат голем број на критики, но и апели до нив, да донираат барем дел од хонорарите кои што ќе ги добијат наредниов период на веќе закажаните настапи кај нас.

Имено, Аца Лукас вчера настапи во Струмица, Цеца има договорено голем концерт во Македонска Каменица на дваесет и осми август, откако пред две недели пееше на стадионот во село Турново, струмичко, а пак Северина на дваесет и седми август ќе настапува во Берово. Таа исто така, годинава неколкупати пееше во Македонија, најчесто на приватни забави. Никој од нив не одговори ниту на нашите електронски пораки, во врска со тоа дали планираат на било кој начин да им помогнат на жртвите во поплавите.

За разлика од Цеца, Аца, Северина и останатите редовни музички гости во Македонија, во периодов се јавија и неколкумина балкански пејачи кои што веднаш изразија сочувство до нашиот народ и постојано ги споделуваат броевите за донации и апели за помош на настраданите, на своите официјални страници и социјални профили.

Еден од нив е Саша Ковачевиќ, кој што неколкупати годишно има гостувања во Македонија, потоа Лепа Брена, која што минатото лето пееше во Македонска Каменица, додека пак бендот ,,Црвена Јабука,, само преку соопштение го откажа концертот на десети август во Охрид, наведувајќи дека поради ден на жалост, ќе се одржи во друг термин. Гореспоменатите пејачи за настап од околу два часа, добиваат хонорар од 15.000 евра, па нагоре, во зависност од полуларноста. Македонските фолк пејачи, кои што од настап добиваат од сто евра, па максимално до 500, завчера пееја на хуманитарен концерт за помош на настраданите.

Вики Клинчарова

Поврзани новости