Балканските држави ќе си ги признаат дипломите за одредени професии

by fokus

По договорот за роамингот следуваат натамошни предизвици, односно договор за признавање на дипломите за одредени професии на Западен Балкан, изјави денеска во Белград Генералната секретарка на Регионалниот совет за соработка (РСС) Мајлинда Брегу.

– Нас во РСС ни беше чест што бевме тие кои што го овозможија целиот процес, но исто така сме свесни дека ова е само почеток. Пред нас има уште доста работа, а следниот чекор е спогодбата за заемно признавање на стручните квалификации за докторите по медицина, стоматолозите, архитектите и инженерите, што треба да се потпише во јули годинава на самитот во Познањ, изјави Брегу, честитајќи го потпишувањето на договорот за постепено намалување се до укинување на роамингот меѓу земјите на Западен Балкан во 2021 година.

Со потпишување на регионалниот договор за роамингот, додаде, владите во регионот испратија јасна порака на посветеност на европските вредности и подготвеност да ги воведат на патот на интеграција во Европската Унија.

РСС, кој е еден вид оперативно тело на земјите од Процесот за соработка во Југоисточна Европа, го олеснуваше целиот тригодишен процес на преговорите меѓу земјите од Балканот меѓу кои и Северна Македонија, со цел да се дојде до крајниот резултат, постепено целосно укинување на тарифите за мобилна комуникација.

Поврзани новости