Балканска вртелка

by lali 10:24
10:24

djelalДолжничката криза во Грција, државната криза во Македонија, популизмот во Србија, институционалната криза во БиХ, надополнети со потенцијалот за социјални немири во сите споменати земји, плус Косово и Албанија, повторно го ставија Западен Балкан на вртелка, на која се намотува заедно со новите неизвесни времиња.

Добрата вест може да биде дека овој проблематичен регион дефинитивно повторно е во внимание на светските сили. Актуелните проблеми во сите овие земји, како и евентуалното влијание на Русија, покажаа капацитет дека можат сериозно да бидат дестабилизирачки и буквално да го загрозат евро-атлантскиот пат на државите од регионот.

- Advertisements -

Референдумот во Грција помина, Грците можеа да бираат помеѓу лошо и полошо, а единствен победник е Ципрас, кој доби ветар во грб за тешките времиња кои следуваат.

МЕРКЕЛ НЕ ЈА СПОМНА МАКЕДОНИЈА!

Во периодот кој следи останаа две опции. Првата опција е Ципрас да продолжи да преговара со своите кредитори и да ги прифати нивните услови, кои веќе беа одбиени на референдум. Првичните сигнали по резултатите од референдумот беа дека на евентуалните преговори Грција нема да добие значително подобри услови од оние кои ги имаше пред референдумот. Втората опција е меѓународните кредитори да ѝ овозможат на Грција пристојно излегување од еврозоната.

После локалните избори во Албанија, на кои коалицијата на Еди Рама убедливо победи, оваа држава ќе продолжи сериозно да го трасира патот кон ЕУ. Иако Рама покажува популистички симптоми, се чини дека подобрувањето на стандардот на граѓаните, како и забрзувањето на ЕУ-интеграцијата, се приоритети нa албанската Влада. Во Албанија будно се следи и кризата во Грција, пред сѐ поради големиот број на нејзини државјани кои долги години работат таму.

На Македонија, благодарение на политиките на Груевски и Ахмети, ѝ „успеа“ да стане слепо црево. Деновиве Ангела Меркел доаѓа во посета на регионот, а ќе ги посети Тирана, Белград и Сараево. Нашата држава ќе ја заобиколи.

Во најавата за својата посета на регионот, Меркел кажа дека Албанија, Србија и БиХ имаат добри шанси да ѝ се приклучат на ЕУ. Покрај сите тешкотии, таа во овие три земји констатира напредок. Македонија во нејзината изјава не е спомната!

Решението на политичката криза е неизвесно, а државата продолжува да тоне сериозно, како во политичките така и во економските аспекти, дури и во споредба со земјите од регионот. Ваквата состојба, надополнета со неодамнешните случувања во Куманово, од нашата држава направија да биде регионален дестабилизирачки проблем.

ШТО ЌЕ ДОНЕСЕ НУЛАНД?

Убеден сум дека доаѓањето на Викторија Нуланд ќе донесе рамка за глупирањата на власта, рамка која ќе треба дополнително да му го намали просторот на Груевски, а и да ги заштити нашите комшии од нас. Посебно да го заштити Косово кое е во специфични разговори за статусот на општините во кои мнозинството се Срби.

Во разговорите помеѓу Приштина и Белград се бара решение за статусот на „српските“ општини, кои би требало да имаат нешто поголема децентрализација, за разлика од другите општини, а сепак тоа да не значи создавање на кантони. Во овие разговори, Приштина за првпат е под поголем притисок отколку Белград.

Популистичката политика на Вучиќ почна да ја загрозува можноста на Србија да биде регионален промотор на стабилност и поврзување, а која ѝ се укажа откако пред две години на Кетрин Ештон ѝ успеа да го издејствува Бриселскиот договор помеѓу Србија и Косово.

Противењето на Србија на Резолуцијата за геноцидот во Сребреница, која Велика Британија ја поднесе до Советот на безбедност на Обединетите нации, покажа дека декларативните заложби на Вучиќ за мирен и стабилен Балкан не се и суштински заложби. Посебно, ако се има предвид и поддршката на Додик за најавите на дестабилизација на БиХ, што во пракса е прв обид на Вучиќ да се поигрува со стабилноста на Босна.

Понудената рака кон Грција после референдумот на Ципрас, реакцијата на американската амбасада во Сараево за најавениот референдум на Додик, во која се вели дека ентитетите немаат право на референдуми кои се однесуваат на државното ниво на БиХ, како и посетата на Ангела Меркел во регионот, дава надеж дека САД и Германија нема да дозволат загрозување на евро-атлантските перспективи на земјите од Западен Балкан.

Поврзани новости