Балканот станува жариште на ковид, бројoт на заразени постојано расте

by Fokus

Голем скок во бројот на нозаразени регистрираат сите земји во регионот, но рекорди бележат Хрватска и Бугарија. Најзагрижувачка е веста дека заразени има на Клиниката за канцер во Загреб – 10 пациенти, пет медицински сестри, две инструментарки, пет хирурзи и двајца физиотерапевти. Црна Гора одреди области каде ќе се преземат ригорозни мерки, како затворање на сите угоститеслски објекти.

Во последните 24 часа во Хрватска се регистрирани 1.096 новозаразени со коронавирус, со што вкупниот број на активни случаи во земјата е 4 844, објави Националниот штаб. Од нив 560 се на болничко лекување, а на респиратор се 28. Во изминатото деноноќие починале 10 лица. Од 25 февруари кога е регистриран првиот случај на заразен со коронавирус, во Хрватска до денес има вкупно 24 761 заразени, од кои 355 починале. Во самоизолација во моментов има над 20 389 лица.

Бугарија денеска регистрира рекорден број заразени – 998 што е 13,4 отсто од бројот на тестирани, додека 14 луѓе починале. Министерството за здравство преопорача да не се патува во Благоевград и Трговиште, додека единствено место без случај на коронавирус е Видин. Но, и покрај растот на заразени, Министерството за здравство смета дека не се потребни рестриктивни мерки.

Во Црна Гора од понеделник се затвораат угостителските објекти во Будва, Цетиње, Колашин, Улцињ и Жабљак, поради влошената епидемиолошка состојба во тие општини, објави Црногорскиот институт за јавно здравје во Подгорица. Стапката на зараза во овие општини е над 800 на 100.000 жители, со што автоматски преминуваат во групата општини во кои од понеделник ќе се применуваат построги антиепидемиски мерки кои ќе траат 14 дена.

Според новите правила, забрането е собирање во станбени згради на лица кои не се членови на заедничко семејно домаќинство, пренесува Вијести. Засега не се знае дали и училиштата во овие општини ќе бидат затворени од понеделник, но според досегашните мерки, за училиштата во општините каде кумулативната инциденца надминува 800 на 100 илјади жители, се планира премин кон онлајн учење.

Продолжува високата бројка на новозаразени и во Албанија, во изминатите 24 часа од направените 1.289 тестови, позитивен резултат е добиен кај 273 што е 21 отсто од тестираните. Најголемиот број од новодијагностицираните се од Тирана или 192, каде се и половина од активните болни, односно 3 176, информираше Министерството за здравство и социјална заштита. Досега од ковид во Албанија починаа 448 лица.

Косово денеска пријави нови 148 заболени од 1.028 тестирани и ниеден починат од ковид-19 во последните 24 часа.

Според статистиките на Националниот институт за јавно здравство на Косово (ИКШПК), од почетокот на пандемијата во земјата се евидентирани 16.754 носители на вирусот, од кои 652 починале. Бројката на активни случаи моментно изнесува 1.485.

Од тестирани 5.456 лица во Србија, откриени се 227 новозараазени во изминатите 24 часа. Во изминатите 24 часа починале две лица со што вкупниот број на жртви од новиот вирус е 774 или процентот на смртносе е 2,15 отсто.

Во болниците во Србија се лекуваат 372 лица, од кои 22 се на респиратор. Од почетокот на пандемијата во Србија има вкупно 35 946 потврдени случаи.

Од понеделник, во Србија на сила стапуваат заострени мерки меѓу кои: задолжително носење маски на отворено, локалните самоуправи не смеат да издаваат дозволи за собирања на поголема група луѓе, белградската „Арена“ од понеделник повторно ќе биде претворена во ковид болница, рестораните ќе мора да имаат одговорно лице заа спроведување на мерките внатре во објектот.

На сила остануваат и општите превентивни мерки како физичкото растојание и носењето на маските.

Во Грција во изминатите 24 часа се регистрирани нови 482 случаи на заразени, од кои 46 се поврзани со познати кластери, додека 19 се откриени при влез во земјата. Починале 10 лица, со што вкупниот број на смртни слуаи од ковид е 500.

 

 

Поврзани новости