Бајден напукна коска на зглобот додека си играше со кучето

by Fokus

Новоизбраниот претседател на САД, Џозеф Бајден, има напукната коска на зглобот кај стапалото и најверојатно во следните неколку недели ќе треба да се движи со помош на ортопедска чизма.

Повредата тој ја доби во саботата додека си играл со своето куче, а доаѓа во период кога се случува транзиција на власта.

Од првичните снимки што му биле направени, како што изјавил неговиот лекар Кевин О’Конер, не се гледало дека има скршеница, но дополнителните прегледи што биле направени потврдиле дека има мали фрактури.

По повредата на Бајден во првичното соопштение од неговата канцеларија наведоа дека не станува збор за сериозна повреда, но заради превенција ќе му се направат подетални снимки и ќе биде прегледан од ортопед.

Побрзо оздравување вчера преку Твитер му посака и претседателот во заминување Доналд Трамп.

Бајден, како што е познато, ќе биде најстариот претседател во историјата на САД. На 20 ноември тој го прослави неговиот 78-роденден, а поради возраста во текот на кампањата често се покренуваше и прашањето за неговата подготвеност да застане на претседателската функцијата.

Од тие причини, неговиот тим од кампањата го објави медицинското досеи кое покажа дека Бајден е здрав и подготвен да одговори на функцијата.

Резимето за неговата здравствена состојба ги вклучуваше извештаите на докторот О’Конор, кој е доктор по општа медицина и се грижи за Бајден од 2009 година. Тој во извештајот, меѓудругото напиша и дека Бајден е здрав и енергичен 77-годишен маж кој може успешно да ја извршува должноста претседател на САД.

Инаку, кучето со кое си играше Бајден додека се повреди се вика Мајор. Станува збор за германски овчар кој идното претседателско семејство го вдомило од прифатилиште за кучиња и ќе биде првото куче кое е вдомено од прифатилиште, а ќе живее во Белата куќа. Покрај Мајор, новоизбраниот претседател има уште еден германски овчар, кој се вика Шампион.

 

Поврзани новости