Бајден: Избегнавме економски колапс!

by Fokus

Американскиот претседател Џо Бајден ѝ се обрати на нацијата од Овалната соба на Белата куќа, откако двата дома на Конгресот го усвоија законот за зголемување на плафонот на американскиот долг.

Соединетите држави на тој начин избегнаа потенцијален банкрот, односно неспособност на државата да ги исполни своите обврски кон инвеститорите, војската, пензионерите, болниците, државните службеници и корисниците на социјална помош по 5 јуни.

– Клучно беше усвојувањето на буџетскиот договор. Влогот не може да биде поголем. Никој не доби сè што сакаше, но американскиот народ го доби она што му требаше. Ја спречивме кризата и економскиот колапс. Ги намалуваме трошоците и го намалуваме дефицитот. Ги заштитивме важните приоритети од социјалното осигурување, преку Медикер и Медикејд, до ветераните, како и нашата трансформациска инвестиција во инфраструктурата и чистата енергија – рече Бајден.

Договорот за кој преговараа претседателот Бајден и претседателот на Претставничкиот дом, републиканецот Кевин Мекарти, е политичка победа за двајцата политичари. Тргнаа од максималистички позиции, преговараа со недели.

Секоја страна мораше да се откаже од дел од барањето, секој доби по нешто.

Од усвоениот закон незадоволни се радикалните конзервативци на Републиканската партија и прогресивната струја на Демократската партија.

Сегашниот јавен долг на САД е повеќе од 31 трилион долари. Претседателот Бајден сакаше да ги зголеми владините трошоци за седум отсто во текот на остатокот од неговиот мандат. Републиканците сакаа намалување од 20 отсто, освен за Министерството за одбрана.

Според усвоениот закон, потрошувачката на американската влада во следните две години ќе остане иста, исклучок се трошоците за одбрана. Трошоците за одбрана на САД ќе пораснат за 3 отсто во 2024 година, а за 1 отсто во 2025 година.

Демократите успеаја да задржат 369 милијарди долари од Законот за антиинфлација за да ја поттикнат чистата, зелена енергија.

Републиканците сакаа тие пари да се вратат во државната каса. Нивното барање не беше прифатено, но тие успеаја да протуркаат некои регулаторни измени кога се во прашање еколошките проекти.

Дел од 80 милијарди долари што администрацијата на Бајден сакаше да ги инвестира во модернизирање и зголемување на бројот на вработени во Даночната управа ќе бидат насочени кон други владини агенции и министерства.

Примателите на марки за храна ќе мора да исполнат построги критериуми, но тоа не важи за ветераните и бездомниците.

Речиси 28 милијарди долари што државата ги одвои за помош за време на пандемијата, а не беа потрошени, ќе бидат вратени во државната каса.

Поврзани новости