Бајден и Харис го претставија и економскиот тим: За првпат жена ќе биде министерка за финансии

by Fokus

Новоизбраните американски претседател и потпретседателка, Џо Бајден и Камала Харис, претставија уште еден дел од нивниот тим. Овој пат, тие ги соопштија имињата на водечките позиции во економските сектори, а како што беше веќе најавено министерка за финансии ќе биде Џенет Јелен, поранешна претседателка на Управниот одбор на Федералните резерви.

Таа ќе биде првата жена во историјата на САД на оваа позиција.

Покрај неа, Бајден ги претстави и: Воли Адејемо за (заменик-министер, Нира Танден за директорка за Управување и буџет, Сесилија Роуз за директорка на Советот на економски советници, Хедер Буши за член на Советот на економски советници и Џаред Бернштајн за член на Советот на економски советници.

Јелен на промоцијата рече дека САД се соочуваат со историска криза и оти економскиот пад бара итна акција за да се свртат работите.

-Во Америка се случува трагедија и многу е важно итно да реагираме. Ако не реагираме, ќе има уште поголем колапс, рече таа.

Ова е трета промоција на тимот на Бајден и Харис. Во првата група, тие соопштија дека Ентони Блинкен ќе биде државен секретар на САД, а ги соопштија имињата и на првиот човек за внатрешна безбедност, на директорка на националното разузнавање, на специјален претставник на претседателот за климатски промени, на амбасадорка во ОН, советникот за национална безбедност …

Втората промоција на тимот се однесуваше на луѓето задолжени за комуникација. И овде Бајден направи историски чекор со тоа што за првпат во историјата номинираше само жени на водечките позиции.

Досега е познато и дека шеф на кабинет на Бајден ќе биде Роналд Клајн

Поврзани новости