Бачев преку писмо ги искритикува странските амбасадори

by fokus

Претседателот на Народното движење за Македонија, Јанко Бачев, испрати отворено писмо до американскиот, британскиот и германскиот амбасадор во Македонија во кое ги критикува за нивната улога во решавањето на кризата. Писмото е со наслов „Што сакав да ви кажам ако не бев цензуриран“.

„Со задоволство се одзвав на поканата за вчерашната дебата за интеракцијата меѓу политичките партии и граѓанското општество во зградата на ЕУ во Скопје.

По шеесетминутното излагање на десетте претставници на граѓанското општество, почнаат да се редат дискусиите на претседатели на политички партии.

Во моето излагање, веднаш им посочив на невладините дека нивните проблеми ги упатуваат на погрешна адреса бидејќи присутните партии не биле, ниту во иднина ќе бидат во можност да ги решаваат овие проблеми земајќи предвид дека најновиот договор на четири политички партии воведува реален двопартизам.

Затоа, проблемите на невладините остануваат и во наредните 25 години, бидејќи со договорот за кризата остануваат истите актери, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, кои и досега 25 години се менуваат на власт а проблемите не се решени.

Меѓутоа, за неуставното бетонирање на двопартизам во земјата со договорот со кризата, вина носат и присутните амбасадори. Еве ги фактите за тоа.

И тука ми е одземен зборот откако најавив критичка расправа за вашата улога во договорот за кризата.

А еве што сакав, ваши екселенции, да ви кажам доколку не бев цензуриран.

Во пресрет на претстојните избори, Ви ја доставувам на вашите екселенции волјата на НДМ и македонскиот народ, во Македонија да се одржат фер и демократски избори со еднакво третман на партиите.

НДМ и македонскиот народ високо ги цени вашите упорни усилби за промоција на едно мирно, политичко разрешување на политичката криза.

Меѓутоа, НДМ и македонскиот народ не се особено среќни политичката криза во земјата да ја решаваат странците. Наш став е дека решение на трајна основа и потребата за одбегнување на понатамошна нестабилност на вознемирената Македонија бараат едно брзо и прифатливо разрешување за кризата на домашен терен, со домашна памет, со сопствениот народ и домашно политичко единство како најсилна брана против секаква закана. Ние за цело време на кризата цврсто ве охрабруваме и ургиравме кај Вас да станете активно ангажирани во напорите на НДМ во оваа насока.

Кога веќе станавте директни учесници во процесот, силно верувавме дека ќе станете активно ангажирани во отворање на шанса за нов политички избор преку обезбедување на еднаков третман на партиите во изборната трка.

Вие, ваши екселенции, го направивте спротивното. Пропуштањето да се створат услови за еднаков третман на партиите, за НДМ и македонскиот народ е тешко злосторство врз демократијата и брутална партизација на Македонија од најмалку четири причини::

Прво, МВР го сведовте на проценти по вертикална и хоризонтална основа, наместо припадниците во МВР да се регрутираат по знаење, способност и достигнување. Дури, МВР станува приватна фирма и партиски штаб бидејќи четири партии си поделија проценти за вработување на 600 полицајци од најновиот оглас во МВР, иако сите ја плаќаме полицијата.

Второ, формиравте ад хок тело за мониторинг на медиумите за време на изборите составено по желба само на четири партии.

Трето, Јавниот радиодифузен сервис си го поделија четири партии, иако сите ја плаќаме МРТВ.

Четврто,, за време на изборната кампања радиодифузерите да емитуваат 18 минути политичко рекламирање на час програма од кои за власта осум минути, за опозицијата осум минути, за политичките партии кои немаат пратеничка група една минута, а за политичките партии кои немаат пратеници една минута. Во овој контекст, МРТВ е должен да обезбеди 30% од времето емитува за дневните настани од земјата и светот, 30% од времето за власта, 30% за опозиција и 10% за партиите кои не се претставени во Собранието и дебатни емисии односно соочувања на партиите од власта и опозицијата.

Значи, инициравте процес за бетонирање на двопартизмот во Македонија, во поглед на претстојните избори со реално учество само на две македонски партии, додека за сите останати македонски партии ќе владее медиумски мрак.

Ве молам, Ваши екселенции, предупредете ме за секакви пречки кои гледате дека стојат на патот за убеденоста на НДМ и македонскиот народ дека со вашето учество во договорот за кризата е извршено злосторство врз демократијата и брутална партизација на земјата.

Македонија со САД, Германија и Велика Британија ги врзува силно пријателство и демократско наследство. Отука, длабоко сме загрижени од цензурата што ја наметнавте на дебатата која е несвојствена за демократијата.

Знам колку се овие прашања важни за вас и длабоко го ценам времето што ќе го употребите проблемот со цензурата да го сметаме за проблем на минатото.

д-р Јанко Бачев, претседател на Народно движење за Македонија“

Поврзани новости