Азир Алиу ќе го замени Таравари во Владата: „Нема ништо официјално“

Нема ништо официјално, ќе ве информираме штом се дефинираат некои работи, изјави за „Фокус“ поранешниот министер од редовите на Алијанса за Албанците, Азир Алиу, одговарајќи на прашањето дали ќе го наследи Арбен Таравари на функцијата министер за здравство?

by Фокус

Собранието денеска ја констатираше оставката на Арбен Таравари, кој одлучи да се повлече од позицијата министер за здравство, откако неговото крило на Алијанса за Албанците прво влезе во конфликт со другите партнери во коалицијата ВЛЕН, а потоа излезе од Владата.

Она што веќе е сигурно е дека позицијата на Таравари, како и другите испразнети места во извршната власт од страна на функционери кои ќе одлучат со него да се преселат во опозиција, ќе ги заземе новата фракција во Алијанса предводена од вицепремиерот Арбен Фетаи, која се спротивстави на одлуката за самостоен настап на претстојните локални избори.

Не му реков „не“ на претседателот (Таравари), туку на план што не е план на Алијансата за Албанците. Реков „не“ на одлука што не е одлука, затоа што не ја добила формата на одлука во партиските органи – изјави вчера Фетаи, додавајќи дека од педесетина функционери на АА, само неколку досега поднеле оставка, додека другите продолжуваат во ВЛЕН и во Владата.

Во изминатите неколку денови, Фетаи објави дека бил на средба со косовскиот премиер Албин Курти, а потоа беше на средби и во седиштата на амбасадите на САД и ЕУ во земјава. На сите овие средби, тој беше придружуван од поранешниот министер за информатичко општество и администрација Азир Алиу, кој застана на страната на Таравари при неговиот судир со Зијадин Села, но сега не се согласува со одлуката за преселба во опозиција.

Со голема почит кон претседателот на партијата и неговото право на политичка проценка, чувствувам должност јавно да кажам дека јас ќе продолжам да бидам дел од процесот што го започнавме сите заедно во ВЛЕН и во оваа Влада. Владата што првпат сериозно ги отвори институциите и почна системски да се бави со работите, почна пресметка со корупцијата и криминалот и го подигна гласот против заробената држава на веќе познтите корумпирани структури во ДУИ. Можеби не сме совршени.

Но, никој не може да каже дека ВЛЕН и оваа коалиција не донесоа нова динамика, нова надеж и вистински притисок за структурни промени. Сметам дека излегувањето во овој момент – без јасен план, дава можност за индиректно рехабилитирање и „лечење“ на старите ДУИ структури и нивните несмасни наративи, а тоа е чекор што јас не го делам, бидејќи верувам дека секој еден млад Албанец, интелектуалец, заслужува поразлична политичка опција“, напиша тој.

Иако се уште нема договор на Илинденска околу кадровските решенија што би ги пополниле ослободените места од Таравари и неговите истомисленици, според неофицијални информации на Фокус“, токму Алиу се споменува како иден висок владин функционер, бидејќи избил на површина во рамки на внатрешните дискусии во ВЛЕН.

Го прашавме ексминистерот Алиу дали е точна информацијата дека ќе биде нов министер за здравство од редовите на ВЛЕН, наследувајќи го на оваа функција Таравари, односно дали има таква одлука или разговори во таа насока, но тој ниту потврди ниту демантираше. Неговиот кус коментар гласи: „Нема ништо официјално, ќе ве информираме штом се дефинираат некои работи“.

Инаку, пред извесно време Таравари почна да испорачува критики за функционирањето на ВЛЕН, по што излезе од коалицијата, а потоа и од Владата. Тоа предизвика разлики во рамки на неговата политичка структура, бидејќи многумина партиски и јавни функционери тоа го протолкуваа како одработување во корист на ДУИ, која дефинитивно ќе има најголем бенефит од фрагментацијата на ВЛЕН.

(АРХИВА) Таравари му фрла гума за спасување на Ахмети за да не „потоне“ на локални избори како Груевски и Заев?!

Покрај Фетаи и Алиу, реагираа и поранешните пратеници Беким Фазлиу и Сурија Рушити, според кои Таравари го враќа „џелатот“ Али Ахмети на „бел коњ“. Исто така, реагираше и блискиот соработник на Таравари во Алијанса и во Министерството за здравство, Сабри Азири, кој порача дека нема да ја остават партијата на тацна за некој да си прави „политички и лични маневри“.

Сопартијци на Таравари се против преселбата на Алијанса во опозиција: Стокхолмски синдром – го враќаш џелатот Ахмети на бел коњ!

Како што веќе објави „Фокус“, Таравари неодамна на средба со премиерот Христијан Мицкоски му предложил да ги исфрлат останатите од ВЛЕН од Владата и да постигнат договор со ДУИ на Ахмети, бидејќи така ќе владееле подолго и постабилно, додека претходно мразот меѓу Таравари и Ахмети се кршел со помош на албанскиот амбасадор во земјава, со чие посредништво се обновила комуникацијата меѓу нив.

Ексклузивно: Таравари му предложил на Мицкоски да направат Влада со Ахмети!

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Поврзани новости