Азески: Пржинските влади го изместуваат нормалното функционирање на бизнисот

by Fokus

Потребен е вистински  дијалог за секое прашање со бизнисот, сериозност во тој процес од двете страни и предвиливост на бизнис климата, а не изместување на нормалното функционирање со формирање техничка влада според Пржинскиот договор три месеци пред изборите. Треба да се каже до кога ќе важат таквите одредби, порача денеска претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески.

– Не мислиме дека како бизнис нашите решенија се идеални, знаеме дека сме само сегмент во целокупното живеење, но бараме сериозност во дијалогот. Не може однос во дијалогот да биде за структурно прашање да те викнат два часа пред објавувањето. Ти седиш во една сала и тие те консултираат, а веќе се „напрчиле“ на говорницата во другата сала и даваат прес-конференеција. Да не се лажеме, не сме деца, знаеме во какви услови сме, некогаш и ќе премолчиме, некогаш и ќе бидеме и покултурни од тоа што треба, но никој да не мисли дека тоа го одобруваме, рече Азески на панелот „Југоисточна Европа: Раст на неизвеснота или посветла иднина“ во рамки на 8. Самит „Македонија 2025“.

Во наредниот период, дополни, најпотребен е дијалог, решавање на прашањето на корупцијата и сивата економија и сериозност при предлозите на бизнис заедницата кои мора да бидат и од наша страна на највисоко ниво, на база на студии, анализи и истражувања. Има слабости и кај нас, тоа го признаваме, ќе го подобриме, но бараме посерозен пристап од сите, рече Азески.

Одговарајќи на новинарски прашања тој порача дека работењето на техничка влада според Пржинскиот договор претставува изместување на реалноста и нормалното функционирање.

– Поставуваме прашања до кога ќе имаме спроведување на одредбите на Пржинскиот договор и некаква неприродна ситуација три месеци пред изборите да формираме некои посебни влади со дополнителни заменици, со не знам нови премиери итн. Се е тоа изместување на реалноста и на нормалното функционирање. Значи ако било така е надмината ситуацијата и треба точно да се каже до кога тоа ќе важи за да имаме предвидливост. Вака ние се соочуваме и во ситуација сега после Нова година да имаме, ако се повтори она што го гледавме, дополнителни заменици министри коишто секој ден ќе држат прес-конференции против министрите, а овие ќе мораат после да им одговараат итн. Ќе имаме нефункционален технички премиер, рече Азески, на прес-конференцијата во рамки на Самитот.

Бизнисот, нагласи тој, сака предвидливост, треба да бегаме од предвремени избори, од вонредни конституирања на влади, од вонредни ситуации оти мислам така се пушта лош сигнал во светот за нешто што е необично. – Сега влегуваме во коалиции, во партнерства со фирми од најразвиената земја во светот и мислам дека треба да го почитуваме тоа и да се стремиме кон тие стандарди, нагласи Азески. 

Според Азески, и покрај најавените предвремени парламентарни избори и состојбите на германскиот пазар, може да очекуваме нормална година во економијата.

– Ќе биде стабилна, ќе се оди на изнаоѓање на определени решенија. Нема да биде година во која што сигурно ние ќе постигнеме резултати коишто ги очекуваме долго години на раст меѓу пет и седум отсто во тригодишен период за да се подигне нивото на животниот стандард. Сите параметри, јас сум добар познавач на балканските прилики, одат кон насока да зборуваат дека ќе нема намалување на економските и инвестициските активности на Балканот и покрај состојбите што се случуваат на германскиот пазар којшто е значаен за нас. За разлика од 2008 година тие се подготвени и одговорија предвреме на тие предизвици, укажа Азески.

Важно е, дополни тој, политичарите да организираат нормални избори кои верува дека ќе бидат мирни и ќе ја покажат реалната слика во државата. – Во едно сум сигурен, кој и да е победникот, која и да е коалицијата, нема враќање назад, бизнисот ќе биде приоритет број еден кај сите нас, нагласи Азески.

Порака дека бизнисот сака предвидливост упати и Ана Арсов, претседавач на Самитот Македонија 2025.

– Бизнисот сака владеење на правото, стабилност и предвидливост. Ние сме мала економија, истовремено сме млада демократија. Триесет години демократија во споредба со демократиите коишто се по 250 години е доста мал период. Нормално е дека треба да поминат некои работи на учење како да се биде тој баланс меѓу бизнисот и политиката. Целосно се согласувам дека бизнисот бара стабилност, бара една платформа, предвидливост на закони, предвидливост на атмосферата, на економските политики за да може да го донесе потребниот економски развој, рече Арсов. 

Поврзани новости