Азески: Нема раст на бизнисот без владеење на правото

by Фокус

Стопанството во овој момент се носи со еден многу тежок предизвик, се бори на повеќе фронтови зашто освен економската и здравствената, тука се и социјалната и политичката криза, истакнува претседателот на Стопанската комора Бранко Азески во интервју за МИА.

-Досега вакво искуство не сме имале, ова се случува првпат и затоа нашите предвидувања на почеток беа многу песимистички. Иако мислевме дека ќе има криза во ликвидноста уште летото зашто нашата економија е поставена проблематично (80 отсто од извозот е во ЕУ, а од тие 80 отсто, 70 проценти одат во Германија и тоа го прави една компанија – „Џонсон Мети“), а дополнително во услови на КОВИД имавме и избори, сепак, издржавме, како да го поминавме сето тоа. Но, сега очекуваме дека кога ќе завршат владините поддршки, ќе дојде до некои нарушувања на ликвидноста. Не може да нема последици – вели Азески.

Тој додава дека ова е континуитет на кризна ситуација и не може да се предвиди колку ќе трае кризата.

-Кризата од 2008 година практично никогаш и не заврши и ова може да се смета како дел од неа. Застрашувачки е кога ќе се погледне дека оваа криза има контиунитет веќе 12-13 години и никако да се најде одговор за неа зашто веројатно општеството, но и целата светска заедница не најдоа начин да се носат со предизвиците. Кризата нема да заврши брзо, ниту се знае колку ќе трае, а и никој засега не може да предвиди. Сето тоа ги исцрпува светските ресурси и резерви, го отежнува движењето, а тоа е основа за бизнисот. Ако страда бизнисот, ќе страда и стандардот на населението – посочува Азески.

Според него, ако нема владеење на правото, нема ниту раст на бизнисот.

-Ние сме заинтересирани за апсолутно стабилизирање на државата, посебно на правосудниот систем. Иако имаше некои реформи, не сме задоволни како тоа функционира во пракса зашто има случаи што се влечкаат со години, а за тоа се ангажираат средства, камати. Мислам дека влегувањето во НАТО и какво-таквото придвижување кон ЕУ не става на колосек од кој не можеме да одиме лево или десно, мора да движиме право како што налага пругата. Што поскоро одиме во тој правец, полесно ќе ги решаваме и проблемите. За мене голем напредок е и самото сфаќање од страна на државата дека напредок во владеењето на правото мора да има – вели Азески.

Поврзани новости