АЗЕСКИ И ЧАДЕЖ ДЕНЕСКА ГО ЧЕКААТ БИТИЌИ ВО БЕЛГРАД

by fokus

Заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи ќе биде гостин на Коморскиот инвестициски форум – КИФ со седиште во Трст, кој денеска ќе одржи седница на Управниот одбор во Белград

Копретседателите на Коморскиот инвестициски форум на 6-те земји на Западен Балкан, Бранко Азески и Марко Чадеж денеска во Белград ќе му бидат домаќини на Фатмир Битиќи, заменик-претседател на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции.

На седницата, претседателите на шесте стопански комори од регионот и членови на КИФ (Стопанската комора на Северна Македонија, Унијата на стопански комори на Албанија, Надворешно-трговската Комора на Босна и Херцеговина, Стопанската комора на Црна Гора, Стопанската комора на Србија и Стопанската комора на Косово) со вицепремиерот Битиќи ќе дискутираат за инвестициските политики во земјите од регионот на Западен Балкан, и потенцијалите како да се зголеми атрактивноста на регионот за странските инвеститори. Помеѓу останатото, ќе се дискутира за можностите за усогласување на политиките за привлекување на странски инвеститори помеѓу државите од регионот.

Податоците за движењата на странските директни инвестиции во земјите од регионот покажуваат дека во периодот 2010-2019 година во економиите од регионот на Западен Балкан влегле вкупно 45 милијарди евра странски директни инвестиции. Приливите на СДИ во БДП-то на земјите од регионот учествуваат во просек се 6,1%, што е меѓу највисоките во целиот регионот на Централна и Источна Европа. Странските директни инвестиции се зголемуваат во Србија и Северна Македонија, стагнираат во Албанија и Босна и Херцеговина, а се намалуваат во Косово и Црна Гора. Најголем дел од инвестициите биле во преработувачката индустрија, финансискиот сектор и трговијата. Податоците покажуваат дека топ 5 инвеститори во земјите од Западен Балкан се Холандија, Швајцарија, Австрија, Русија и Германија.

ПР

Поврзани новости