АВТОГОЛ На националната арена и прилега името „Кирил Симоновски – Џина“

by Фокус

(Нашиот колумнист напиша текст со предлог за новото име на националната арена, кој требаше да биде објавен во неделникот „Фокус“, но со оглед дека Владата донесе одлука за преименување на „Филип Втори“ со името на нашиот најпознат трагично загинат пеач „Тоше Проески“, текстот го објавуваме на порталот)

Атанас КОСТОВСКИ

Стариот кум си шета на двете страни од реката Дунав во Будимпешта. И почесто ни се јавува, којзнае можеби тоа ќе го направи и за време на предизборниот молк. Беше уште тука со нас кога буквите на Александар Велики исчезнаа од покривот на аеродромската зграда во Скопје, но останаа буквите на неговиот татко Филип Втори Македонски на некогашниот Градски стадион, а сегашната Национална арена… Во аманет ни остави уште еден објект за „прекрстување“, а согласно Преспанскиот договор тоа и треба да го направиме во договорениот термин.

И ВИКТОР ОРБАН ГИ САКА СПОРТИСТИТЕ

Македонскиот Унгарец Никола Груевски шетајќи во преубавата Будимпешта можеби и подзастанал пред спортските зданија со име на унгарските спортски великани Ласло Пап и Ференц Пушкаш. Да, најголемата спортска сала е именувана по славниот унгарски и светски боксер Ласло Пап, а познатиот „Неп Стадион“ од минатата година го носи името на унгарската и светската фудбалска легенда Ференц Пушкаш! И за миг можеби ја почувствува разликата, па овој мој пријател и домаќин Виктор Орбан ти ги сакал и почитувал спортистите, ептен спротивно од мене! Види, види, пријателот мој ги крстил објектите со имиња на спортски великани, јас пак на таткото и на синот им „подарив“ стадион и аеродром иако во нивно време не се играл фудбал ниту пак полетувале и слетувале авиони! 

На оваа тема пред цела деценија му пишував писмо на тогашниот премиер со молба да го почитува она престарото – спортот на спортистите, но и спортските објекти со имиња на познати и признати македонски спортисти! Знам, има луѓе задолжени да ги читаат писмата, можеби тие воопшто и не стигнуваат до крајната адреса, но бев презадоволен кога по десетина денови (26 јануари 2009) добив одговор (бр.07-162/2) од Канцеларијата на Претседателот на Владата на РМ – „дописот е разгледан со особено влијание од надлежните служби и искрено Ви благодариме на Вашиот предлог и Вашето одвоено време“.

Ми беше тоа второ пишување до еден македонски премиер. Првото писмо го напишав до Љупчо Георгиевски кога заедно со Васил Тупурковски ја предводеа Владата на РМ. Го молев да се договорат со Васил (беа претседател и потпретседател на Владата на коалицијата ВМРО-ДПМНЕ и Демократската Алтернатива) околу изградбата на Олимпискиот спортски центар во Сарај. Пред 20 години постоеја сите услови Скопје да добие модерен олимписки спортски центар, при посетата кај Претседателот на Републиката Киро Глигоров, тогашниот прв човек на Интернационалниот олимписки комитет Хуан Антонио Самаранч понуди 3 милиони германски марки за почеток на работите! Проектот неколкупати беше промовиран и поддржан од сите заинтересирани страни. Се уште не бледнее впечатливата промоција на макетата на Олимпискиот ценар во Сарај во една од салите на некогашната Комерцијална банка. И толку, најповиканите не се договорија, причините останаа добро чувана тајна, Сарај можеше да прерасне, како што и беше замислено, и во регионален спортски центар на Интернационалниот олимписки комитет…

НА ЏИНА МУ СЕ ВОСХИТУВАА И ВО СОФИЈА И ВО БЕЛГРАД

Очигледно, со писмата до премиерите немам среќа, но надежта последна умира, зарем не? Па еве, да се обидам и по третпат, очигледно понесен и од она традиционалното – трета среќа! Редовите на оваа колумна, всушност, ќе бидат дел од писмото упатено пред десет години до премиерот Никола Груевски, овојпат адресирани до неговиот наследник Зоран Заев.

Не знам во кој систем на владеење првпат е речено – спортот на спортистите, сега можеби е и време за дополнување – спортските објекти со имиња на нашите прославени спортски херои! Новиот наш фудбалски храм, кој со помош на Владата ќе добие европски изглед, заслужува да го носи името на Кирил СимоновскиЏина“!

Со оглед на релативно младиот состав на Владата, исклучок беше Михајло Маневски (роден 1936), морав со малку зборови што повпечатливо да го образложам мојот предлог. „Џина беше најуспешен фудбалер на својата генерација. Најубавите фудбалски години ги помина во виорот на Втората светска војна. Го бараа и врбуваа најбогатите југословенски клубови (од Белград и од Загреб), но тој остана да игра за скопски Граѓански, а потоа во екипата на ФК Македонија. на неговите мајстории му аплаудираа и навивачите на силните софиски екипи Левски и Славија. Во тие тешки окупаторски години тој ги разгалуваше срцата на Македонците, а на почетокот од 1944 година фудбалскиот дрес го замени со униформата на Народноослободителната војска на Македонија.

По ослободувањето, кариерата ја продолжи во белградски Партизан и на наша голема радост стана првиот капитен на репрезентацијата на Федерална Југославија! (9 мај 1946 – Прага, Чехословачка-Југославија 0:2). Во својата најголема фудбалска љубов ФК Вардар, беше секогаш кога е најпотребен, како фудбалер или тренер. Со своите ученици Кокиновски, Цинциевски, Дацевски, Геров, Миланов, Балевски, Новаков, Арсовски, Драган и Тоде Георгиевски почна да ја испишува успешната историја на најтрофејниот македонски фудбалски клуб. Овој предлог за новото име на нашиот Градски стадион, всушност е потсетување на уште еден наш македонски великан, кој во областа во која го помина сиот свој животен пат беше гордост на сите Македонци овде, на Балканот и насекаде во светот. За мене преубаво звучи -Градски стадион „Кирил Симоновски-Џина“, а за Вас?“

ВРЕМЕ Е ДА ГО ЧУЕМЕ И НОВИОТ КУМ

Деновиве прочитав некаде дека Националната арена ќе добие ново име, впрочем тоа е и обврска што произлегува од Преспанскиот договор. По досегашните имиња – Градски стадион и Филип Втори, за потребите на Суперкупот 2017 беше преименуван и во Телеком Арена – време е и новиот кум, актуелната Влада на Република Северна Македонија, да ја „испише“ новата табла на влезните порти на нашиот најголем спортски објект. 

Малкумина останаа што го паметат Кирил Симоновски–Џина како човек и спортист. Ние кои имавме привилегија да ги гледаме неговите фудбалски мајстории (ми раскажуваше големиот вардарец Трајко Стаматовски) и тренерски квалитети (за нив пишував и како млад новинар), имаме и обврска, особено заради помладите, постојано да потсетуваме на неговиот непроценлив придонес во развојот на македонскиот фудбал, а со тоа и на нашата држава.

Кирил Симоновски-Џина (1915-1984) за време на својата фудбалска кариера (1938-1953) играше за Граѓански, Македонија, Партизан (177 натпревари, 61 постигнат гол, две шампионски титули и еден куп) и Вардар (75/21). Во конкуренција на Рајко Митиќ и Стјепан Бобек беше првиот капитен на репрезентацијата на Федерална Југославија (10/1), а како тренер работеше во Вардар, Арис, Олимпијакос и Партизан. Пред неколку години, белградската Маракана го доби името на Рајко Митиќ, фудбал се игра и на стадионите Џузепе Меаца (Милано), Герхард Ханапи (Виена), Јожев Божик, Нандор Хедекути и Ференц Пушкаш (Будимпешта), Ѓорѓи Аспарухов (Софија), Валериј Лобановски (Киев), Сантјаго Бернабеу (Мадрид)…

Насекаде во овој цивилизиран свет сите си ги почитуваат своите вистински ѕвезди, великани во одделни области од своето живеење. На Националната арена и прилега името на втемелувачот на модерниот македонски фудбал и држава Кирил Симоновски-Џина. Време е да го чуеме и новиот кум, зарем не?

Поврзани новости