Автобусите ретки, внатре како сардини – Арсовска ќе ги „решава“ со обид за нова набавка

by fokus

Доста е веќе или средете го јавниот превоз или препуштете го на поспособни од вас. Никој не е должен да го толерира каснењето на работа, мрзнењето чекајќи го следниот автобус во кој ако успеете да влезете ќе бидете како сардина во конзерва.

Ова се дел од коментарите на социјалните мрежи кои може деновиве да се прочитаат иако Јавното сообраќајно претпријатие го зголеми бројот на автобуси откако приватните превозници се повлекоа од улиците на главниот град.

Ако порано имаше често автобуси и беше порелаксирано, а граѓаните на електронските табли на автобуските постојки гледаа кој автобус ќе пристигне за колку време, сега веќе ништо не важи. Автобусите се ретки, а кога ќе дојде „вашата“ бројка може и да нема место да се качите.

Од ЈСП Скопје за „Фокус“ велат дека Јавното сообраќајно претпријатие располага со доволен број возила и кадар да ги опслужува сите линии навремено согласно утврдениот возен ред.

-Диспечерскиот центар на ЈСП Скопје регистрира доцнења во интервал од 3-5 мин на одредени линии кои најчесто се должат на повеќе околности кои влијаат на одвивањето на целокупниот сообраќај (градежни зафати на одредени траси, пренасочени траси поради градежни активности, протести, исклучена светлосна сигнализација и слично). Генерално, сите поаѓања на автобуските линии се реализираат навремено, велат од ЈСП за „Фокус“.

 

Тврдат дека повремено добиваат поплаки за доцнење на неколку приградски линии. Кога почнаа проблемите со приватните превозници ЈСП тврдеше дека апсолутно е неточно дека „на скопските сообраќајници возат околу 200 автобуси помалку“, возила на приватните превозници.

-„Макекспрес“ ги опслужуваше линиите со 26 возила, а „Слобода превоз“ со 52 возила, тврдеа од ЈСП.

Проблемот со автобусите почна кога приватните превозници излегоа на протест и веќе не возат.Тензиите и недоразбирањата меѓу Град Скопје и приватните превозници и понатаму продолжуваат оти не им е исплатен долг од 1,5 милиони евра.

Последно, претставниците од приватните превозници поднесоа барање за средба до Јавното сообраќајно претпријатие. Доколку не се реши проблемот најавуваат дека повторно ќе излезат на протести.

Тие беа револтирани бидејќи шест месеци од ЈСП нема никаков прилив кон нив и рекоа дека минатата недела од ЈСП кон „Слобода превоз“е извршена уплата од понижувачки 5000 денари.

Откако пропадна јавниот повик на Град Скопје за избор на приватни превозници кои ќе одржуваат дел од линиите од јавниот превоз градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска кажа дека Град Скопје може и без приватните превозници.

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ на последната седница на Советот на град Скопје одлучија да не ја поддржат точката со која се предвидуваше набавка на нови 30-тина автобуси кои се неопходни за редовно функционирање на ЈСП Скопје.

Сепак Арсовска не се откажува од идејата градскиот превоз да го „реши“ со набавка на нови автобуси.

-За оваа година планираме набавка на дополнителни автобуси, доколку советниците на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се одлучат да ја поддржат оваа набавка во советот за редовно сервисирање на градските и приградските линии. Што се однесува на огласите за приватните превозници, беа повикани сите оние кои сакаат чесно да заработуваат од градскиот превоз, за жал, никој не се јави на истиот, велат од Кабинетот на градоначалничката за „Фокус“.

Оттаму велат дека градот Скопје е отворен за секаков вид на соработка и предлози од Владата.

Премиерот, Димитар Ковачевски пак изјави дека Владата нема никакви ингеренции во делот на јавниот превоз во Град Скопје или во кој било друг град во државата.

Тој кон средината на декември најави дека Владата ќе се сретне со приватните превозници, но средбата никогаш не се случи.

-Се работи за должничко-доверителски односи помеѓу ЈСП, Јавно претпријатие во сопственост на Градот Скопје и приватни превозници. Владата нема никакви ингеренции во делот на Градот Скопје или во кој било друг град во државата. Ние тогаш кажавме дека од Управата за јавни приходи треба да проверат за што точно се работи и да ги погледнат извештаите. Тие (ЈСП и приватните превозници) ќе мора меѓу себе низ законска процедура да ги дефинираат обврските и исполнувањето на обврските коишто ги имаат, рече Ковачевски во последната изјава.

Инаку, Арсовска како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ победи на изборите со ветување за набавка на 250 еколошки автобус и го стопираше проектот на претходниот градоначалник, Петре Шилегов за Бас рапид транзит.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости