Австрискиот Парламент усвои Резолуција за геноцидот во Сребреница

by Fokus 10:41
10:41

Парламентот на Австрија едногласно усвои резолуција за геноцидот во Сребреница, оддавајќи им почит на Босанците убиени на 11 јули 1995 година.

Со Резолуцијата се бара од австриските власти да продолжат активно да ја поддржуваат комеморацијата на геноцидот во Сребреница заедно со другите членки на Европската унија.

Усвојувањето на документот доаѓа по официјалната посета на австриската министерка за правда Алма Задиќ на Босна и Херцеговина оваа недела.

Во текстот на Резолуцијата се наведува дека истата се усвојува по повод 27-годишнината од злосторствата извршени во регионот на Сребреница, подрачје заштитено со резолуција на Советот за безбедност на ОН од 16 април 1993 година.

Во усвоениот документ се посочува дека силите на босанските Срби, предводени од генералот Ратко Младиќ, врз основа на наредба на тогашниот претседател на Република Српска, го окупираа градот, а следните неколку дена под команда на генерал Младиќ се случија масовни убиства во кои учествуваа војници, паравоени сили и нерегуларни полициски единици на босанските Срби.

Резолуцијата потсетува дека притоа се убиени повеќе од осум илјади босански мажи и момчиња кои побарале заштита од Заштитните сили на Обединетите нации (УНПРОФОР).

„Во исто време, приближно 30 илјади жени, деца и стари лица беа насилно протерани во голема операција за етничко чистење. Така, овој настан стана најголемото воено злосторство во Европа од крајот на Втората светска војна“, се посочува во Резолуцијата.

Во текстот на документот уште се наведува и дека сите тие „трагични настани во Сребреница” ги оставиле преживеаните со „трауми и длабоки емоционални лузни“.

Австриските пратеници потсетуваат дека со Резолуција на Европскиот парламент 11 јули е прогласен за Европски ден за сеќавање на жртвите од Сребреница.

 

Поврзани новости