Австралиски веб-портал објави резултати од изборите

by Фокус 19:18
19:18

Иако се уште трае изборниот молк во Македонија, веб-порталот од Австралија Фаланга објави резултати од гласањето на претседателските избори на македонската дијаспора во Австралија. Џабир Дерала од невладината организација „Цивил“ изјави дека станува збор за прекршување на изборниот молк и дека во текот на утрешниот ден ќе излезат со подетални информации околу неправилностите.

- Advertising -

По објавувањето на изборните резултати од Австралија, информацијата почна да се шири и по социјалните мрежи од страна на партиски активисти.

Редакцијата на „Фокус“ се обрати до австралискиот портал „Фаланга“, но оттаму се уште нема одговор на прашањето од кои причини ги објавија резултатите од претседателските избори додека во Македонија трае изборниот молк.

Инаку, во извештаите кои пристигнале до невладината „Цивил“ до 16 часот биле пријавени неправилности во текот на гласањето на болните и изнемоштените во Кичево, Штип и Крива Паланка. Во повеќе општини во Скопје, како и во Велес, Гевгелија, Теарце, Кичево, Струга и Брвеница биле забележани партиски активности на теренот, вклучувајќи делење пропаганден материјал. До „Цивил“ пристигнала и информација дека на едно лице на издржување казна во прилепскиот затвор му било ускратено гласачкото право.

ТВ Телма веќе јави дека ноќеска, за време на изборниот молк активисти на една партија излепиле голем дел од празните површини во Аеродром со плакати на лидер на партија и кандидат за претседател.

Поврзани новости