Австралиски научници во лабораторија го развија коронавирусот: Го имаме, фантастично!

by fokus

Научници во Австралија успеаја да развијат коронавирус во лабораторија, што претставува голема пресвртница во глобалната борба против овој вирус, јави австралискиот Еј-Би-Си Њуз.

Овој извонреден потфат ќе им овозможи на научниците да утврдат дали некоја идна вакцина ефикасно ќе делува против вирусот, изјавија експерти од Институтот за инфекција и имунитет „Питер Доерти“.

Австралијците со тоа станаа втора лабораторија во светот, после една во Кина, која успеала да го развие вирусот. Но, за разлика од Кинезите, кои го објавија „само“ генетскиот код на вирусот, тие своето откритие веднаш ќе го поделат со Светската здравствена организација, која ќе го проследи до лаборатории низ светот кои се вклучени во развој на вакцина за коронавирусот.

Научниците вирусот го развиле од пациент кој бил заразен минатиот петок, а екипа на Еј-Би-Си била во лабораторијата во моментот кога вирусот бил успешно култивиран. Заменикот на директорот на институтот, Мајк Катон успехот го искоментирал кусо, со три зборови:

– Го имаме. Фантастично !

Докторот Катон рече дека ова откритие е од „витална важност“ и оти ќе стане клучен дел во процесот на развивање вакцина, со оглед на тоа што научниците ќе можат да ја тестираат секоја потенцијална вакцина против лабораториската верзија на вирусот.

– Коронавирусот е опасен, убива некои луѓе, но не е смртоносен, како на пример, еболата. Но, раната дијагноза е многу важна затоа што на здравствените служби низ сетот им дава подобра шанса да го запрат неговото ширење или барем неговата јачина, изјави Катон.

Тој напомена и дека е очигледно оти овој коронавирус е помалку смртоносен од САРС.

– Околу 10 проценти од заразените со САРС починаа, додека во овој случај таа бројка е околу три проценти. Јас мислам дека таа бројка всушност е многу помала, заклучи Катон.

Поврзани новости