Вицепремиерот Маричиќ во посета на Стразбур

by fokus

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, од денеска е во дводневна работна посета на Стразбур, по повод одржувањето на 20-тиот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет помеѓу Северна Македонија и ЕУ.

Како што соопшти СЕП, вицепремиерот Маричиќ во Европскиот парламент ќе има обраќање по точката: „Размена на мислења со претставници на Владата на Република Северна Македонија, Советот на ЕУ и Европската комисија за односите меѓу Република Северна Македонија и ЕУ“, заедно со министерот за европски прашања на Република Чешка, Микулаш Бек, Микела Матуела, вршителот на должноста директор за Западен Балкан во Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Унијата, Елза Фeнет, раководителката на Одделот „Западен Балкан“ во Европската служба за надворешни работи и европратеникот и постојан известувач за Северна Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук.

Во рамки на посетата вицепремиерот Маричиќ ќе има средби со ко-претседавачот на Мешовитиот парламентарен комитет помеѓу Северна Македонија и ЕУ, Андреас Шидер, со словенечката пратеничката во ЕП и координаторка на неформална група „Пријатели на Северна Македонија“, Ирена Јовева, со Тинеке Стрик од холандската „Зелени“ и Матијаж Немец.

Отворањето на 20-тиот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет помеѓу Северна Македонија и ЕУ ќе биде од страна на Андреас Шидер и Соња Мираковска, копретседавачи на Мешовитиот парламентарен комитет Северна Македонија-ЕУ, а покрај точката за размена на мислења со претставници на нашата Влада, Советот на ЕУ и ЕК за односите меѓу Република Северна Македонија и ЕУ, точки на дневен ред ќе бидат и владеење на правото: борба против организираниот криминал и корупцијата, граѓанско општество и медиуми, енергетската криза и животна средина, добрососедски односи и регионална соработка и Извештајот за дијалогот „Жан Моне“.

Поврзани новости