Авионите на ДЗС го гаснеа пожарот на Скопска Црна Гора до зајдисонце: Никаде во светот не е предвидено да се гасне пожар ноќе

by fokus

Пожарот што денеска избувна во реонот на Скопска Црна Гора и зафати ниска мешана шума, наложи дејствување на воздухоплови на Дирекцијата за заштита и спасување. Беше дејствувано вкупно седум пати со два авиона, при што беа исфрлени 35 тони вода. Авионите дејствуваа во рамки на можностите до самиот крај на денот, додека дозволуваа условите и беше направено се што е во нивна моќ, соопштија од Дирекцијата за заштита и спасување.

Со оглед на фактот, посочуваат од ДЗС, дека никаде во светот не е предвидено да се гасне пожар во ноќни услови, акцијата на нивните воздухоплови траела до зајдисонце.

-Бидејќи, авионите се исклучително скап ресурс и се користат само за непристапни високи предели, апелираме земските служби координирано да дејствуваат на терен, а од воздухопловите да се бара помош само кога има навистина потреба, наведуваат од ДЗС.

Дирекцијата за заштита и спасување воедно упатува апел и предупредување до сите кои работат или се движат на отворен простор да не палат огнови.

-Апелот посебно се однесува на земјоделците кои интензивно се подготвуваат за пролетната сеидба и ги чистат и палат отпадоците и стрништата на нивите. Апелот се однесува и за оние кои се движат и работат во шумите, на излетниците, но и на сите граѓани, зашто доволно е само мала искра за да се потпали околната нискостеблеста вегетација, стои во соопштението од ДЗС.

Пожарот избувна денеска околу 13 часот на местото Црн камен, на потегот Липково, Скопска Црна Гора и селото Матејче.

Поврзани новости