АВЕ ФИРЕР, ШАШАРДИСАНИ ТЕ САЛУТАНТ

by Фокус

„После Аушвиц, дури и пишувањето поезија е варварство“- Теодор Адорн, германски филозоф

Пишува х. Сулејман еф. Реџепи

Нашата јавност слушна деновиве дека Холокаустот да ти бил измислица, дека Евреите всушност уживале во текот на Втората Светска Војна. Некако истовремено, на мегафонот на малиот човек што е фасциниран со големи крстови, јасно се виде фашистичкиот симбол ss1488. Молк,штама. Никој, или скоро никој не реагираше.

Во оваа земја, исполнета со лаги и ретуширање на историјата, со менување на идентитети и преземање на туѓи фигури и личности, со фасадирање на објекти на комунизмот што како со магија се претвораат во “белези од антиката“, се чини дека “воскрснувањето“ на фашизмот и не е нешто баш вознемирувачко.

Навикнавме на се и сешто, секакви валканици им се сервираат на нашите сетила, секој и сешто е навредувано и денигрирано, секому му е прикачен по еден багаж измислици. Па зошто тогаш да не ги извртуваме фактите, зошто да не ги величаме идеологиите на омразата и дискриминацијата? Зошто, ако кај нас ниту еден закон не се занимава со потикнувачите на конфликтите? И, ако кај нас законите ги амнестираат педофилите и манипулаторите на изборите, кој ќе го спречи во иднина донесувањето на закон што ги амнестира пропагандистите на фашизмот ?

ПРОДОЛЖУВА ЛИ СОНОТ

Познати се недоразбирањата меѓу муслиманите и евреите што се провлекуваат низ векови и за чие што надминување е потребна голема количина на добра волја. Но, сите несогласувања на светов не можат да ме спречат да ја кажам вистината, не можат да ме натераат да молчам пред фактите околу масовното ликвидирање на луѓето како што е Холокаустот. Не можат да ме спречат, иако сум запрепастен што војската на еден народ кој што на невидено брутален начин бил доведен скоро до истребување, многу брутално се однесува кон своите соседи.

Фактите, документите и доказите, не муабетите, потврдуваат дека антисемитизмот и уништувањето на Евреите се вткаени во основите на нацистичката идеологија.”Endlösung der Judenfrage”( Конечното решение на еврејското прашање) се нарекува официјалната нацистичка политика кон Евреите што заживеа од конференцијата во Wansee, 1942 год. под директен надзор на Adolf Eichman.

Холокаустот имал разни форми, но логорите за ликвидирање на Евреите, како што се Аушвиц и Аушвиц Биркенау, Треблинка и многу други во кои што со ужасниот гас Циклон Б се убиени милиони луѓе, за навек оставија жиг на срамот во меморијата на човештвото. Да го негираш сето тоа е многу нечовечки, како што е нечовечки да се експонираш јавно со фашистичкиот симбол ss 1488, барајќи при тоа изградба на огромни крстови.

Во секој случај, објектив на нацизмот беше создавање една нова држава и на еден нов човек, бидејќи човештвото било извалкано со расните и генетските мешања.

Можно ли е минијатурната Македонија што е заглавена во aнтичкиот сон, да продолжи и со сонот за чистење на расата и на гените ? Можно ли е дека некој тука сонува за “заедништвото на нацијата, обезбедувајќи ја крвната чистота на заедницата“?

Инаку, фашизмот е длабоко антилиберален, антидемократски и авторитарен. Поттикнувајќи го национализмот, расизмот и антисемитизмот, тој ги именува припадниците на народите што се по малкубројни , како дежурни кривци за секој вид на криза што се појавува во општеството. Фашистичката идеологија пропагира насилно елиминирање на секое поинакво гледање на светот, на сите културни, верски и политички различитости.

Се разбира, ова не е алудирање, само е потсетување.

ТУКА ЖИВЕЕ ОПОРТУНИЗМОТ

Бидејќи говориме за фашизмот и неговите прикрадувања во нашата јавност, ќе потсетам што рекол Adolf Hitler во „Mein Kampf“: Со умешна и константна пропаганда, и небото можете да му го претставите на луѓето како пекол, а најбедниот живот како рај.

Е па, нели е пропаганда појавата на симболите на фашизмот и негирањето на Холокаустот од некои луѓе во некои медиуми. Не се обидува ли некој да им ги измеша концептите за пеколот и за рајот на луѓето изморени и разочарани од се и сешто?

Презаситеноста со безброј информации што стигнуваат од секој и од секаде, влијаат на луѓето што се експонирани на таквиот притисок за да ги апсорбираат пораките без претходна анализа. Така, се создава идеална ситуација за итрите пропагандисти во која што се елиминира рационалното размислување. Затскриено, се реализира нивната најпосакувана цел – да испраќаат пораки до луѓето изморени од неконтролираното медиумско бомбардирање додека другите, тие посвесните -молчат.

А, молчат сите тие што би требало да бидат гласни во оваа ситуација. Исто како што молчат пред бомбите на терористите низ Турција, што не се разликуваат со ништо од Шарли Ебдо и од Париз. Да, тие молчат како што молчат и пред фашистичките шушкања.

Искрено, очекував одлучна реакција, да речеме, на верските заедници кои што би требало да бидат со своите борци во првиот ров за да се спротивстават на општото зло. Постојаното оправдување дека “верските заедници не треба да се мешаат во политиката“, во овој случај се смешни и дегутантни. Појавите што ги спомнав, треба да се напаѓаат посебно жестоко ако се во спрега со политиката, без компромис и пардон, бидејќи се навредливи и опасни за сите луѓе, без оглед на верската или националната припадност.

Не знам зошто, но ми се чини дека овдешната јавност ќе беше крајно иритирана и громогласна ако на мегафонот на некој говорник беше поставен симболот на ИСИС или ако некој ги негираше злосторствата на таа организација. Што ќе постигнеме ако и нашиот однос кон злото го селектираме, не би можел да кажам со сигурност, но убеден сум дека од таквиот ни став не може да произлезе ништо добро .

Живее ли тука опортунизмот ? Да, живее и пуштил бајаги длабоки корени. Во меѓувреме, шашардисаните му салутираат на фирерот.

 

Поврзани новости