Ава танцува румба и свинг и освојува награди во Америка!

by fokus

Пејачката Ава Керш, која во минатото, пред да се пресели во Чикаго, Америка во 2003 година, беше доста актуелна на нашата сцена, а денес и покрај тоа што со години работи во здравството, односно во Лојола Универзитетот, не се откажува од сцената.

Таа беше дел од популарното танцувачко шоу ,,Christmas showcase” кое традиционално секоја година се одржува за време на празниците, а за ,,Фокус” појаснува дека поради панедмијата, годинава се одржало во студио без публика, додека во минатото на настанот имало голем број на посетители.


-Како што во Македонија се снимаат новогодишните програми, така овде во Америка го имаме популарното ,,Christmas showcase”, каде јас со љубов и посветеност учествувам. Танцувањето е мојата голема пасија, неодамна бев на интернационален натпревар каде учествуваа САД, Латвија, Велика Британија и други земји, и успеав да го освојам второто место во румба, ча ча ча и валцер. Во свинг и фокстрот освоив трето место – појаснува Ава, позната во јавноста и како сопруга на легандарниот пејач Пепи Бафтировски.

Вели дека отсекогаш сакала да се истакне во модерните танци, но во Македонија, кога за прв пат се појавила на сцената како пејачка, ги немало потребните услови.

-Во 1989 година за прв пат снимав аудио касета во МРТВ. Тогаш немаше доволно услови за истакнување во областа на модерниот танц, но во Америка се нуди цела палета на можности. Учествував и во повеќе мјузикли, но поради состојбата со корона вирусот сега морав да паузирам, многу настани се откажани – раскажува Ава.

Околу лошата состојба на естрадата вели дека ја боли кога слуша низ што минуваат нејзините колеги. Им порача да бидат силни и да имаат трпение, бидејќи панедмијата нема да трае засекогаш.

-Се има свој почеток и крај, само музиката е вечна. Ги следам сите новости на естрадата, знам со какви проблеми се соочуваат моите колеги и колешки. Тешко ми е поради тоа, се надевам дека новата година ќе биде посреќна и побериќетна. И овде имаме рестрикции и мерки за заштита од вирусот, затоа и последното шоу го снимавме во студио, без публика. Покрај танцот, времето ми е исполнето и со мојата работа на институтот, каде со години наназад работам на научни студии од областа на карциномот, вели Ава која последен пат беше во родниот крај во 2018 година.

-Во Македонија бев во 2018 година, а пред тоа и во 2016. Тогаш снимив две песни, една од композиторот Зоран Марковски и една од неговиот син Марко Марковски. Снимањето се одвиваше во студиото на Зоран Марковски, со кого имав долгогодишна соработка на музичката сцена во Македонија. Многу ми недостига мојата фамилија таму, ми недостигаат настапите пред мојата публика. Пред американската публика настапувам со години, но кога тоа се случува пред мојата публика, чувствувам топлина и љубов која не можам да ја опишам со зборови – раскажува Ава.

Во Америка живеат и нејзините ќерка и син. Семејно се преселија таму во потрага по подобар живот, и додека таа работеше во болница, Пепи се вработил како менаџер на обезбедувањето во истата болница. Набргу по преселбата се разделија, но до последните моменти од животот на Пепи, кој почина во 2008 година од рак на белите дробови, останале блиски.

Вики Клинчарова

Поврзани новости