Ава, поранешната сопруга на Пепи Бафтировски во мјузикл во Чикаго

by fokus

Фолк пејачката Ава Керш, позната во јавноста како поранешна сопруга на легендарната фолк ѕвезда Пепи Бафтировски, по децениска пауза се враќа на сцената. Таа за прв пат во животот ќе се појави во мјузикл во Америка, каде што долги години живее и работи, а за „Фокус“ раскажува за новите искуства.

„Познатиот композитор Зоран Марковски и неговиот син Марко Марковски напишаа прекрасни песни на текст на Радмила Митровиќ, меѓутоа во Македонија колку што јас видов не се случува ништо во светот на музиката за да може да се промовираат тие песни. Музиката е бизнис кој бара многу работа и многу сериозен пристап, нешто што јас не го гледам во Македонија за жал.

Меѓутоа тоа не значи дека јас ќе дозволам тие песни да не бидат слушнати. Песните ќе ги пејам на моите настапи овде во Америка. Првиот настап е закажан за четиринаесетти јануари пред бугарската публика овде во Чикаго, која одсекогаш ме сакала многу, а вториот настап ќе биде на денот на заљубените Свети Валентин,  придружувана од оркестар на чело со еден од познатите музичари овде, Тони на клавијатури.

Во исто време склучив договор со познатата американска филмска и музичка продукција „Сигман Бродерс Продукшн Компани“ за улога во мјузиклот „Џоан“ предводена од филмскиот продуцент Џери Сигман и Мике Сигман, музика и кореографија. Јас ја играм улогата на војводката од Бредфорд. Тоа ќе биде моето прво искуство на американската сцена што бара макотрпна работа од проби секој ден од 19 до 22 часот, и во саботите и неделите од 12 до 16 часот. Претставите почнуваат на десетти фебруари и завршуваат на дваесет и шести фебруари, ќе се играат секој петок, сабота и недела“ – раскажува Ава која што работи како менаџер во здравствена установа во Чикаго.

Таа заедно со Пепи и со ќерката Марина и синот Емил се пресели во Америка пред долги години, во времето кога со Пепи беа еден од најпопуларните музички парови кај нас. Набргу по преселбата се разделија, а во 2008 година тој почина од рак на белите дробови. Сепак, се до последниот миг останале блиски. Но и покрај тоа што Ава долг период не живее во Македонија, таа секогаш го привлекувала интересот на јавноста. Кога има можност доаѓа во Скопје, а нејзините пријатели знаат да кажат дека времето за неа застанало, и како да не старее. Бујната руса коса, добрата линија и јаката линија на црн туш на очите сеуште се нејзиниот препознатлив знак. Ни откри дека во Македонија дошла за време на изборите, а поради професионалните обврски, не планирала да се враќа назад во скоро време.

„Во Македонија бев токму за изборите, а ја посетив и Србија. Овој пат дојдов затоа што знаев дека не ќе имам повеке шанси да доаѓам. Како што гледате јас ќе бидам презафатена, и кога склучуваш овде договор мораш да бидеш сериозен. Не можеш да правиш како што ќе посакаш, има свои правила што мора да се почитуваат“ – вели Керш.

Таа додава дека е среќна што по долга пауза, повторно се враќа на сцената. Според неа, Пепи би бил горд на овој нејзин чекор. И нивниот син Емил се занимава со музика, и веќе неколку години наназад имал свој рап бенд. Ќерката Марина имала свое семејство, но никогаш не се пронашла во музичките води.

Вики Клинчарова

Поврзани новости