Ава Керш десет години по смртта на Бафтировски: Го исполнувам ветувањето кое му го дадов на Пепи пред да почине!

by Fokus

Ава Керш, поранешната сопруга на фолк легендата Пепи Бафтировски, ќе организира хуманитарен концерт во негова чест, во црковната сала на Свети Кирил и Методиј, во Илиноис, Америка.

Настанот ќе се случи на 17-ти ноември, во чест на животот и делото на Бафтировски, но и по повод десет годишнината од неговата смрт. На концертот, заедно со Ава ќе настапи и музичарот Зоран Марковски, кој по тој повод отпатувал во Чикаго.

-Со овој хуманитарен концерт ќе ја одбележиме десетгодишнината од смртта на Пепи, но и ќе го славиме неговиот живот и дело. Настанот ќе биде хуманитарен, а парите ќе ги донирам на црквата Свети Кирил и Методиј во Чикаго. На прашањето зошто на црквата, а не на некое од многуте деца во Македонија, кои апелираат за донации за лекување, одговорот е дека тоа му го ветив на Пепи, пред да почине. Таа црква направи многу за нас, кога најмногу ни требаше помош. Посебно сум му благодарна на мојот композитор Зоран Марковски, без чија помош не ќе можев да остварам ова – раскажува Ава. Керш и Бафтировски беа доста познат естраден пар. Се разведоа во 2007 година, само неколку години откако се преселија во Америка, заедно со нивните две деца, ќерка и син. Пепи почина од рак на белите дробови, една година по разводот, а со Ава до последниот момент останале многу блиски. Погребан е во Чикаго. -Овој хуманитарен концерт е моето враќање на музиката, на фолк сцената. Ќе следуваат и други настапи низ Америка. Длабоко во себе знам дека и Пепи тоа би го сакал, бидејќи мене музиката ми е судена – вели Керш, која што веќе подолг период работи како координатор во онколошкиот институт Loyola University, за научни испитувања на канцер.

-Пепи и остави на Македонија една богата музичка ризница. Би и порачала на јавноста никогаш да не се заборави неговото име. Тој остави длабока трага со неговиот глас, за мене еден и неповторлив. Би рекла, за секој има замена, но кога се во прашање гласовните квалитети, Пепи никој не може да го замени – ни изјави Ава.

Пепи Бафтировски зад себе остави голем број на хитови кои и денес се слушаат. ,,Ако згрешам нека изгорам” ,,Друга љубов не сакам”, ,,Заветна” и ,,Сине мој” се само дел од неговите антологиски песни. Кон крајот на осумдесеттите години на минатиот век, по години поминати надвор од земјава, тој се врати во Македонија и направи успешна кариера. Потоа, во 2003 година, со семејството се пресели во Чикаго, каде ја изгуби битката со болеста на свои 66 години, во април 2008 година.

Вики Клинчарова

Поврзани новости