Цртањето на чаши ме релаксира од политичките теми – новинарката Билјана Секуловска изложи дизаjнерски дела на поп-ап базар

by Фокус

За време на викендот во кафулето „Шорт бас“ во Скопје се одржа првиот поп-ап базар, на кој 11 македонски дизајнери изложуваа свои изработки. Чаши, накит, колажи и многубројни интересни рачни изработки го привлекоа вниманието на посетителите на настанот, кој има тенденција да стане традиционален, со цел да се охрабрат и поддржат дизајнерите од земјава.

Но, она кое на многумина им го привлече вниманието беше и присуството на долгогодишната новинарка Билјана Секуловска, која за прв пат јавно ги изложи своите изработки. Посетителите, свикнати да ја гледаат на малите екрани со политичките теми и да ги читаат нејзините колумни, се изненадиле од нејзиното хоби.

Во разговор за „Фокус“, таа открива дека цртањето, најчесто на стакло, е нешто на кое нејзините блиски одамна свикнале, но на базарот го претставила своето хоби и пред пошироката јавност.

-Станува збор за едно навистина релаксирачко хоби, посебно по напорниот работен ден, по сите политички теми и настани. Најчесто цртам ноќе, тоа ми доаѓа како еден лексилиум – се смее новинарката.

Таа вели дека најпрво започнала со трпезариската маса. Ја насликала со специјални бои, а потоа продолжила во речиси секое катче во домот.

-Една ноќ решив да го разубавам подот. Купив спрејови за графити и се зафатив со работа. Цртав цела ноќ. Утредента, ќерка ми доживеа благ шок кога го виде резултатот. Но, веќе сите околу мене свикнаа, секојдневно има по нешто ново кај нас дома. Ја средив и кујната, не остана чаша и чинија дома, на кои нема некое мое дело. Со цел да биде се изработено професионално, пред околу шест месеци се посоветував и со професорот и академски сликар Тони Васиќ, кој ме упати каква боја треба да користам за стакло, од каде да ја набавам, како оди целата процедура, бидејќи исцртаните чаши потоа се печат. Сега, во магацинот од каде ги набавувам материјалите, знаат да ми кажат дека им станав најчест муштерија – раскажува Секуловска.

Таа додава дека домашните веќе свикнале на нередот кој се создавал при изработката на нејзините дизајнерски дела, но признава дека хобито ја исполнува и и делува смирувачки.

-За време на базарот имавме убава дружба со останатите дизјанери, со пријатели и блиски луѓе, со посетителите. Целта на настанот не беше да се заработат пари, туку да се промовираат изработките, да се даде поттик на младите дизјанери, да се разменат искуства во една пријатна атмосфера. Не се гледам себе како дизајнер, сликањето е нешто кое го практикувам со години и доста ме исполнува – раскажа Секуловска.

Вики Клинчарова

Поврзани новости