АстраЗенека се надева дека ќе ги исполни очекувањата на ЕУ за бројот на вакцини

by fokus

Извршниот директор на АстраЗенека, Паскал Сорио, денеска изјави дека се надева оти ќе ги исполни очекувањата на Европската унија за бројот на вакцини против Ковид-19 што компанијата може да ги достави до европскиот блок во вториот квартал од годината.

– Работиме 24/7 за да ја подобриме испораката и се надеваме дека ќе ги исполниме очекувањата за вториот квартал, рече тој.

АстраЗенека пред два дена ја извести Европската унија дека во вториот квартал ќе достави помалку од 90 милиони дози од својата вакцина против коронавирус.

Според официјални претставници на ЕУ, кои директно учествуваа во преговорите со британско-шведскиот производител на лекови, тоа значи дека АстраЗенека ќе испорача помалку од половина од бројот на договорени вакцини со ЕУ во вториот квартал.

Според договорот на АстраЗенека со ЕУ, кој протече минатата недела, компанијата се обврза да испорача 180 милиони дози на Унијата во вториот квартал.

Доколку се намалат дозите на вакцините, ова може да влијае на способноста на ЕУ да ја постигне целта за вакцинирање на 70 проценти од возрасните до летото.

Поврзани новости