Ашовиот експеримент

by Фокус

Дали конечно, ќе се одважиме и охрабриме да ги следиме решенијата кои се единствено можни и извесни во вакви ситуации и притоа ќе се сплотиме и ќе покажеме единство и сила достојни за почит? Или ќе дозволиме уште една рунда  “совршен злочин над нацијата“?

Еден класичен експеримент од областа на социјалната психологија, изведен од Соломон Аш во 1951 година, во главно се користи како урнек во детерминирање на притисокот или влијанието на групата врз индивидуата и нејзиното размислување, врз оформување на нејзините ставови, како и врз носењето на одлуки на таа основа. Целта на експериментот била да се направи проценка на општествениот притисок од страна на групата или мнозинството врз одлуките на поединецот.

Накратко за процедурата на експериментот, а потоа за врската со нашата општествена реалност на политичката сцена, од аспект на обидите да се профилира новиот пат, кој би имал амбиција да го премости предлабокиот и сериозно опасен јаз помеѓу двете, до овој момент доминантни политички сили од позицијата и опозицијата. Јаз, кој се заканува  да го урниса стремежот за поинаква, просперитетна иднина на нацијата, но и целосно да ги одземе перспективите за нормален и квалитетен живот на овие простори за новите генерации.

Имено, во група од десетина испитаници, од кои само неколку се вистински, а другите се “инструирани“, била зададена задача да се посочи која од неколкуте нацртани линии една до друга, е со истоветна должина со нацртаната линија на другиот цртеж.

Задачата на “инструираните“ била поединечно да реагираат непријатно, да ги оспорат и засрамат оние испитаници кои ќе ја погодат точно должината на линијата. Патем тие биле задолжени и́ да даваат погрешни одговори за целиот период на траење на експериментот, насочувајќи го испитаникот во погрешна насока.

Резултатот бил таков што во просек, околу една третина или поточно 32% од испитаниците се поколебале во своите ставови и перцепции за должината на линиите и под притисок на реакцијата на околината дале погрешен одговор, откажувајќи се притоа од сопственото убедување, кое патем било точно. 75% од испитаниците барем еднаш се поколебале и го промениле својот првичен став, а 25% никогаш не се приклониле кон притисокот на групата.

Заклучокот бил дека луѓето се склони кон приклонување кон нечии ставови, дури и во случај кога истите се очигледно погрешни, со изговор дека се плашат да бидат исмеани, сметани за чудни или оспорени од групата. Дел од причините поради кои ги менувале перцепциите бил и нивниот став да припаѓаат на група која е мнозинска (нормативно влијание), или поради верувањето дека групата е сепак подобро информирана од нив (информативно влијание).

Секако, како и во секој експеримент во општествените науки, постојат бројни ограничувања кои можат да спорат со некои од целите и резултатите при вакви или слични истражувања. Но, пораката е поучна во секој поглед, а посебно во однос на нашата политичка реалност во периодот низ кој поминува Македонското општество.

КАКВА ПОРАКА НИ ПРАЌА ВЛАСТА

Колку пати досега, како критички настроени мислители и опсерватори на суровата политичка реалност кај нас, сте се соочиле со вакви или слични ситуации на притисок од околината или групата во социјалното окружение во кое општите, од страна на медиумите или на социјалните мрежи? Дали сте убедени дека таквиот притисок и обид за влијание е случаен или намерен, дали е спонтан или инструиран од некој центар на владејачките партии?

И дали сега, од аспект на резултатите на ова истражување, ни е појасно зошто толку жолчно и брутално, власта инсистира само таа и само нејзината вистина да бидат присутни во медиумите? Дали сега повеќе разбираме која е пораката, која власта сака да ни ја прати со таквото упорно и безумно инсистирање само и само на нејзината вистина, независно дали нашата вистина е можеби и единствената исправна и во интерес на нацијата?

Сите ние поединечно, но и општеството во целина ќе мора да извлечеме поука од овие лекции. Но, исто така некои лекции ќе мора да ги научи и опозицијата или опозициски настроените партии и групации.

Имено, во споменатиот експеримент, доколку во групата за притисок се појави некој кој е пообразован, со повлијателен општествен статус или поугледен во заедницата, во тој случај стапката на конформизам или сообразување, приклонување под притисок и влијание, кон нивниот став и перцепција за стварноста нараснува значително. Колку е повисок степенот на општествените достигнувања на тие во групата за притисок, толку се повисоки стапките на сообразување со нивните погледи.

Еве зошто, јас постојано инсистирам, скоро во секој мој јавен настап или писание, интелигенцијата на нацијата да се помести од зоната на конформизмот. Еве зошто е особено важно, се́ што е слободоумно и мислечко, се́ што е интелектуален потенцијал на нацијата, секој поединец кој има храброст за критичка опсервација на нашата сурова општествена реалност да се одважи и истапи на јавна сцена. Времето и приликите за тоа се токму сега. Ретки се историските моменти кога интелигенцијата на нацијата е попотребна од било кога на јавната политичка сцена во Македонија.

СТРАВ ОД ИНТЕЛИГЕНЦИЈА

Нема сериозен и одржлив општествен прогрес на ниту една нација, без нејзината интелигенција и најпроминентниот дел на нацијата, најдоброто од неа, масовно да се вклучи во процесите за промена кон повисоки цели и стандарди на организација на општеството. Спрегата помеѓу интелигенцијата и проминентниот дел на нацијата од една страна и медиумите, пишани и електронски особено, од друга страна, е добитната комбинација во периодот кој следува. Онаа политичка групација или сила, која ќе успее да ги обедини во заедничка визија, платформа и високо поставени програмски цели, токму овие два столба на демократскиот бедем на општеството, е токму таа политичка сила која ќе ја промени сегашноста на Македонската политичка реалност и ќе остави белег за идните генерации во периодот кој следи.

Обратно, ајде за потврда на изнесеното од тој аспект, да проценуваме заедно, зошто во изминативе 10тина години, постојната политичка клика грчевито се бори да ја стави под контрола интелигенцијата на нашиот народ, да ја држи под постојана пресија, под силен притисок, невиден досега во историјата на суверена и независна Македонија? Дали сега ни е појасно и́ зошто лекарите во истиот период, беа на постојан удар, уценувани, подјармувани, исмејувани, држени во неизвесност, несигурност, постојано разединувани однатре за да се занимаваат самите со себе и на тој начин да се истрошат и да ја изгубат силата за влијание врз нацијата?

Дали беше нешто поразлична состојбата со Универзитетската фела, со високото образование, со бескрајните и безидејни проекти на бесцелни реформи, со една и единствена цел – ставање под контрола на професорскиот и научно – истражувачкиот кадар на нацијата? Сигурно, дека не беше ништо поразлична. Таму, притисокот беше уште поизразен, побрутален, попонижувачки од било кога во Македонската историја. Да ја укинете автономијата на Универзитетите е како да ја затворите птицата во кафез за да ви послужи само на вашите себични цели и интереси. Таква аверзија спрема се́ што е интелектуално понадмоќно од кликата на власт не е видена досега. Дали можеби некој забележа, случајно во последниве 10тина години, некој доктор на науки или професор да се најде во Извршниот одбор на ВМРО-ДПМНЕ, или во нивниот Централен одбор или пак на пратеничките листи? Или нивниот дострел е само членови или претседател на некоја споредна комисија, собраниска или Венецијанска сеедно, амбасадор или на некоја позиција во пониските ешалони на власта. Да, тоа е цената на неколкуте изолирани случаи, кои се повеќе исклучок, отколку правило. Но, и тоа е резултат на награда за одработеното во име и за сметка на одржување на кликата на власт.

Да. Стравот од интелигенцијата и од проминентниот дел на нацијата е огромен за оваа гарнитура на власт. Постоење и активизам на слободоумни, мислечки, критички настроени умни луѓе им влева страв во коски. И денес и сега, повеќе од било кога досега.

Судството, новинарската фела, бизнис елитите, државната администрација…никој од овие проминенти групации во општеството не се изземени од проектот на власта да се подјармат, да се покорат и понижат, да се свиткаат и подведат под диктат. Не случајно, кога странските инвеститори прашуваа за совет околу очекуваната висина на платите на инженерскиот и другиот кадар од природните науки во нивните директни инвестиции, добиваа одговор од властодршциве – висината на нивните плати никако да не е над македонскиот просек. Прашајте ги високостручните кадри за колку пари работат во странските директни инвестиции и ќе се уверите дека се срамно недостојни за таков вид на кадар. Иселување поради љубов? Да, да секако.

Властодршциве, веројатно добро го проучиле Ашовиот експеримент и сосема добро сфатиле како да вршат притисок врз тие кои умеат да мислат со своја глава и кои не се подведуваат под влијание на групата за притисок, во име и за сметка на нивното долгорочно опстојување во власта.

Дали ние останатите конечно ќе ја научиме лекцијата и ќе преземеме нешто умно и разумно, а сепак латерално, за конечно да излеземе од зоната на трпење на притисок и да се спротивставиме на континуираните обиди за подведување под нечие контролирано влијание и притисок?

Дали конечно, ќе се одважиме и охрабриме да ги следиме решенијата кои се единствено можни и извесни во вакви ситуации и притоа ќе се сплотиме и ќе покажеме единство и сила достојни за почит? Или ќе дозволиме уште една рунда  “совршен злочин над нацијата“?

Авторот е Претседател на ИНТЕГРА, Институт за доблесна и вредносна политика и еден од фронтмените на ФРОДЕМ – Фронтот за демократска Македонија

Поврзани новости