Во Могила, Ранковце, Брвеница и Чучер Сандево најмногу гласови освоија независни кандидати за градоначалници

by Фокус

На овие локални избори се кандидираа независни кандидати за градоначалници во многу општини, но само 4 од нив освоија најмногу гласови во своите општини во првиот изборен круг.

Една од нив е Могила, каде независниот кандидат за градоначалник Стево Пивковски освои 1.415 гласови, додека неговиот противкандидат од СДСМ освои 1.313 гласови. Инаку, Пивковски е член на ВМРО-ДПМНЕ, кој влезе во конфликт со партијата откако на претходните локални избори одлучи да настапи самостојно, наспроти партискиот став да истрча со друг кандидат. Сепак, Пивковски како независен кандидат победи на претходните избори со поддршка од СДСМ во вториот круг, додека на овие освои повеќе гласови од кандидатот на СДСМ, откако претходно ја доби поддршката од матичната партија ВМРО-ДПМНЕ.

Потоа, слична е и ситуацијата во Ранковце, како победи независниот кандидат Ивица Тошевски. Всушност, тој е еден од основачите на ВМРО-ДПМНЕ и е поранешен претседател на Општинскиот комитет на партијата во Ранковце, но и тој се судри со партијата откако на локалните избори во 2013 година одлучи да истрча во општината со друг кандидат за градоначалник. За разлика од Пивковски, тој не настапи како смостоен кандидат на претходните избори, но се пасивираше од изборната трка, што беше клучно во таа општина да победи кандидатот на СДСМ. На овие избори, тој ја доби поддршката од СДСМ, со помош на која ја победи матичната партија.

Исто така, независен кандидат освои најмногу гласови во рамки на гласањето во Брвеница. Станува збор Енвер Пајазити, кој неколку пати беше избран за градоначалник на оваа општина како кандидат на ДУИ, но неодамна се одвои од партијата и на овие избори настапи самостојно. Сепак, интегративците не исфрлија друг кандидат во Брвеница и одлучија да го поддржат Пајазити, кој на крајот освои повеќе гласови од кандидатите на БЕСА, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

Во Чучер Сандево најмногу гласови освои уште еден независен кандидат за градоначалник – Јован Пејковски, кој убедливо победи откако ниту една голема партија не кандидираше свој кандидат за градоначалник.

Поврзани новости