Вмровецот што го порази ВМРО во Ранковце на минатите избори, собра потписи за независна градоначалничка кандидатура

by Фокус

Државната изборна комисија соопшти дека, заклучно со истекот на рокот, 22 лица ги собрале потребните потписи за да можат да учествуваат на престојните локални избори како независни кандидати за градоначалници.

Според списокот што го објави ДИК, еден од нив е и Ивица Тошевски, кој ги собрал потребните потписи за независна кандидатура во Ранковце, чии жители на претстојните избори воедно ќе имаат можност да гласаат и за независна листа со советници предводена од Димитар Цветковски.

Инаку, Тошевски е вработен во Министерството за внатрешни работи и е еден од основачите на ВМРО-ДПМНЕ во Ранковце, а еден период беше и претседател на ОК на ДПМНЕ во Ранковце.

Но, тој се дистанцираше од партијата во пресрет на локалните избори во 2013 година, кога Тошевски се противел на одлуката на партиското раководство да го кандидира дотогашниот градоначалник Орце Тодоровски за уште еден градоначалнички мандат.

Овој внатрепартиски конфикт во ВМРО-ДПМНЕ практично влијаеше на крајот во општината да победи кандидатот на СДСМ Момчило Алексовски, што беше една од ретките победи на социјалдмеократите на тие избори.

Токму во истиот период, Тошевски беше поместен на пониско скалило во МВР, а неговата кафеана во Ранковце беше мета на инпекциски контроли и проверки, поради кои извесно време беше затворена.

Според еден од прислушуваните разговори што подоцна ги објави Зоран Заев, Гордана Јанкулоска и Кирил Божиновски говореа како Тошевски ги поразил во Ранковце, па затоа, според нив, тој треба да добие жестока казна, како порака за другите.

Во однос на случувањата во Ранковце своевремено пишуваше и Фокус, чиј текст може да се прочита на следниот линк.

Поврзани новости