ВМРО-ДПМНЕ не очекува дополнителен одлив на пратеници: Потребна е широка дебата, а не да се брка ситна бројка во собранието

by Фокус

Најголемата опозициска партија – ВМРО-ДПМНЕ, не очекува дополнително да се намалува бројот на пратеници на Коалицијата за подобра Македонија, откако пратеникот од коалицискиот партнер ГРОМ, Чедомир Саздовски, најави дека ја напушта коалиција и ќе продолжи да делува како независен пратеник.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, во изјава за Фокус вели дека одливот на пратеници од коалицијата не би бил добар ниту за Собранието, ниту за било кој пратеник кој ќе се одлучи на таков чекор, ниту за самото владејачко мнозинство.

-Она што треба власта да разбере и прави е да најде начин да обезбеди широка дебата и прифатливост на политичките решенија, а не да брка ситна бројка на пратеници во Собрание – вели тој.

Инаку, Димовски е координаторот на една од 10-те пратенички групи, кои ДПМНЕ и коалициските партнери ги формираа по парламентарните избори, со образложение дека на тој начин сакаат преку сите законски и деловнички средства да обезбедат поквалитетна дебата за сите прашања или мерки што ќе се разгледуваат во законодавниот дом.

Во однос на прашањето дали пратениците на ДПМНЕ ќе се реорганизираат во новонастаната ситуација после локалните избори, Димовски вели дека интензивно разговараат за пристапот во работата, па во поглед на методологијата и начинот на работа дополнително ќе ја информираат јавноста.

-Во секој случај, целосно ќе бидеме посветени на застапување на граѓаните и нивните барања, потреби и очекувања. Има реални потреби и очекувања за кои Собранието ќе мора да разговара. Во исто време, Собранието ќе треба да биде сериозна институција која ќе ја контролира апсолутната власт на СДСМ и нивната коалиција – истакнува тој.

Откако Саздовски стана независен пратеник, во моментов коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ја сочинуваат 50 пратеници, исто колку што освои СДСМ со коалициските партнери на последните парламентарни избори на крајот на минатата 2016 година.

В.С.

 

Поврзани новости