Разговор на рускиот амбасадор Шчербак меѓу доказите за „Монструм“: Нели имавме информации дека работите ќе се раздвижат на пролет!

by fokus

На денешното рочиште за случајот „Монструм“ се читаат транскрипти од нелегално прислушувани разговори во УБК,  а поврзани со петкратното убиство што се случи кај Смиљковското Езеро во 2012 година.

Во првите разговори кои беа прочитани во судница разговараат непознати лица за јавноста, а еден од нив околу 21 часот веќе е информиран за масакорот, бидејќи на повеќемина соговорници им се јавува и им кажува дека е на работа и само што добил информација дека се убиени пет лица.

Во сите разговори едно од првите прашања е дали убиените се Македонци или Албанци?

-Не се знае кои се, дали Албанци или Македонци, вели еден од соговорниците.

Друг соговорник прашува: Дали се Албанци или неверници?

Наредниот ден по убиството исто така разговараат непознати соговорници, кои меѓусебе разменуваат информации за можните мотив и сторители. Сите заклучуваат дека тоа што се случило е страшно и дека е тешко да се најдат сторителите.

-Нема да ги најдат сторителите, и да се наши треба да се расчисти, ова е страшно, вели еден од соговорниците.

Се читаа и транскрипти од разговор на неодамнешниот руски амбасадор Олег Шчербак и соговорник, кои исто така разговараат за петкратното убиство.

-МВР и Владата не реагираа на време. Информациите стигнуваа преку странските агенции. Никакви докази нема. Четворица од убиените биле планирани, а петиот бил сведок, ми вели соговорникот на рускиот амбасадор, кој додава дека ситуацијата не е ескалирана, но е лоша.

Соговорникот го информира амбасадорот и дека се шири шпекулација дека одмаздата е за Тетово, каде Македонец убил двајца Албанци.

Потоа и двајцата заклучуваат дека околу Нова Година имале информација дека работите ќе се раздвижат на пролет.

Судењето е во тек.

Валентина Вурмо

Поврзани новости