По сториите на Фокус, Србите снимија филм за Келе Змијата

by Фокус

Келе Змијата, 44–годишен шепотач на змии од селото Криволак, за кого ,,Фокус’’ пишуваше во неколку наврати, го привлекол вниманието на српските медиуми со својата несекојдневна умешност да зборува со змиите на јазик кој го нарекува басма и да ги лови со гола рака. Пред неколку дена, екипа на познатата српска телевизија Прва ги изненадила жителите на селото, кога дошла да сними документарен филм за Келе, за неговиот живот и за интересна дарба што ја поседува.

-Многу се израдував за интересот кој го пројавија за мене од познатата српска телевизија. Снимавме цел ден, ги одведов и во шума, каде им презентирав лов на змии. Беа помалку исплашени и не им се веруваше дека постои човек како мене, што со шепотење ги довикува змиите, кои ме слушаат како мали послушни деца и ми доаѓаат до рака – вели Келе, чие име е Скендер Јусуфов, но сите во околината го знаат едноставно како Келе Змијата.

Тој додава дека новинарите од Србија му кажале како за него дознале од Фокус и откако ја прочитале сторијата, отпрвин не верувале дека таков човек навистина постои. Помислиле дека се работи за измислена вест и, водени од љубопитство, посакале да се сретнат со него и да се уверат дали тој навистина ја има способноста да збори со змиите отровници. Со месеци го договарале снимањето на документарниот филм, бидејќи Келе, како што вели, има премногу обврски на работа, а по работното време, речиси секој ден оди во лов на змии.

-Многу пати ми се јавуваа од телевизијата од Србија. Кога конечно им кажав дека имам слободен ден, се израдуваа и пристигна целата екипа. Беа вистинска атракција во селото, сите доаѓаа да видат како снимаме. Разговараа и со жители во чии куќи и дворови сум фатил змии, разговараа и со полицијата, оти и таму сум фаќал змии. На воениот полигон Криволак има многу змии, сакавме и таму да снимаме, но не ни дозволија, бидејќи се работело за објект во кој снимањето било забрането. Мои пријатели им дадоа многу снимки, на кои ловам змии и смокови. Екипата беше изненадена од тоа што го виде и ми кажаа дека филмот ќе биде навистина интересен за гледачите – раскажува Келе.

Тој научил да лови змии пред околу дваесет и пет години, а техниката, или зборењето што го нарекува басма, ја научил од стар овчар од Радовиш. Му била потребна цела година додека се осмелил да ја фати првата змија, а потоа му одело лесно. Со себе никогаш не носел противотров, бидејќи, вели тој, не се случило да го касне змија. Откако ќе ја повикал змијата, ја фаќал со гола рака, а потоа ја пуштал во шумата. Од српската телевизија Прва му кажале дека ќе му јават кога ќе биде промотивно прикажан документарниот филм.

-Беа изненадени како досега од Македонија никој не снимил емисија за мене и многу го пофалиија Фокус што ја објавил приказната за мене. И јас сум многу благодарен, затоа што веднаш по објавата започнаа да ми се јавуваат новинари од целиот регион, од Босна, од Србија, од Црна Гора. Сите ме бараа за интервју, но јас не сум човек што сака многу да се експонира, си живеам скромен живот, си го гледам семејството, и им помагам на тие што имаат мака, што им дошла неканета змија на имотот – вели шепотачот на змии.

Инаку, станува збор за телевизија која е доста гледана во Србија. Познати емисии кои ги прикажува се ,,Работна акција’’ ,,Вечер со Иван Ивановиќ’’ ,,Андрија и Анѓелка’’ ,,Ексклузив’’ ,,Практична жена’’ и други.

Вики Клинчарова

Поврзани новости