МОСТ: Собранието носело закони на предлог од владата претежно во скратена постапка

by Фокус

Македонското собрание во минатата 2016 година спровело вкупно 365 постапки за донесување на закони, односно биле усвоени 326 измени и дополнувања на постоечки закони, додека биле донесени 13 нови закони, заедно со 26 ратификации. Притоа, владата се јавила како предлагач на дури 93 проценти од донесените закони, а дури 70 отсто од донесени закони биле донесени во скратена постапка.

Ова се дел од заклучоците што произлегуваат од мониторингот на работата на парламентот изминатата година, односно од 1 јануари се до распуштањето на парламентот на 17 октомври, спроведен од страна на граѓанската асоцијација МОСТ, во рамките на проектот на „Вклучени граѓани за одговорно и транспарентно Собрание“.

„Фактот што само 7 отсто од вкупниот број донесени закони се предложени од пратеници, и тоа исклучиво од владејачкото мнозинство (освен законите донесени како резултат на Договорот од Пржино), укажува дека Собранието било подредено на извршната власт, односно Владата индиректно ја вршела и законодавната функција“, стои во извештајот.

Воедно, невладината МОСТ направила анализа и на работата на пратениците од која произлегува дека вкупно 48 закони биле предложени од вкупно 61 пратеник. Поточно, 25 закони биле донесени по предлог од вкупно 48 пратеници, а неприфатливи биле 17 закони од вкупно 36 пратеници. На крајот, не бил донесен 1 закон предложен од 16 пратеници, додека повлечени биле 5 закони предложени од 40 пратеници.

Исто така, мониторинг бил извршен и врз учинокот на собраниските комисии преку три сегменти – транспарентност, квалитет на записници и вклученост на засегнати страни. Врз основа на тоа, меѓу другото, констатирано било дека ниту една комисија не ги исполнила во целост пропишаните деловнички одредби за водење на записник од седниците, не била спроведена ниту една јавна дискусија и на ниту една седница не биле присутни експерти, на седниците претежно доминираат претставници на извршната власт итн.

-Се надеваме преку оваа програма Парламентот ќе го зајакне својот однос со граѓаните, со граѓанскиот сектор, со бизнисот, за доброто на сите. Парламентот е јадрото на демократијата на Македонија. Сегашните случувања во Парламентот на Македонија прават противуслуга за развојот на демократијата. Тие го поткопуваат кредибилитетот на институцијата, во Македонија и надвор – рече извршниот директор на МОСТ, Дарко Алексов, при денешната презентација на првиот извештај во рамки на овој проект.

Поврзани новости