ФОТО: Портрети на поранешните премиери – Груевски најголем, Љубчо и Бранко еден до друг

by Fokus

Новинарите кои денеска имаа пристап до ходниците и салите во владината зграда на Илинденска можеа да ги видат и портретите на поранешните премиери на плурална Македонија.

Овие портрети се насликани и нарачани за време на владеењето на Никола Груевски, чиј портрет, случајно или се, се разликува од сите други по тоа што е најголем, се наоѓа во хоризонтална положба, а зад ликот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ се вее македонското знаме.

Македонско знаме има уште на портретот на последниот технички премиер Емил Димитриев, кој дојде на оваа функција по пржинските преговори, кои резултираа со повлекување на Груевски и назначување на нов премиер од ВМРО-ДПМНЕ.

Интересно е тоа што сликите на лутите политички ривали во деведесеттите години на минатиот век – Бранко Црвенковски и Љубчо Георгиевски, кои во на локалните избори во 2013 година формираа коалиција против Груевски, се поставени еден до друг.

Рамо до рамо уште стојат и Владо Бучковски и Хари Костов, кои дојдоа на оваа функција по заминувањето на Црвенковски во претседателската вила на Водно во 2004 година, што отвори борба меѓу неговите наследници во партијата, но и во егзекутивата.

Прв и осамен е портретот на првиот македонски премиер во рамки на експертската влада до 1992 година, Никола Кљусев, кој се смета за ментор на довчерашниот премиер и се уште актуелен лидер на ВМРО-ДПМНЕ – Груевски.

В.С.

Поврзани новости