Асани за Фокус: На продажба е само поранешната куќа на Марковиќ, но не и земјиштето

by Фокус

Агенцијата за управување со одземен имот стави на продажба куќа на Водно, по направена проценка на Бирото за судски вештачења и врз основа на судска пресуда за поранешниот сопственик Миодраг Марковиќ, во која се наведува дека на осуденото лице за перење на пари во вредност од 9 милиони евра му се одземаат пари, но и друга имотна корист, вели директорот на Агенција Фатон Асани, откако Фокус објави дека се продава куќата на блискиот соработник на некогашниот шеф на царината Драган Даравелски, со почетна цена која е драстично пониска во однос на претходната проценка, а воедно во тек е судска постапка за утврдување на сопственост.

-Откако јас ја презедов директорската функција во Агенцијата, затекнав натрупан имот кој со години се конфискувал, но ниту се донирал, ниту се продавал. Затоа, основав одделение за продажба, кое успеа да ги намали залихите на парчиња во царината од 6 на 2 милиони, се реши проблемот со насобрани 10.000 возила, а во таа насока се отпочна поинтензивен процес на продажба на другиот имот, кој со години губел вредност. Во него спаѓаат и стотина недвижности, меѓу кои е и куќата на Водно што ја огласивме на продажба, но се работи за продажба само на куќата, а не и на земјиштето под и околу куќата – вели Асани.

Тој посочува дека Бирото за вештачења во 2018 година го проценува имотот на околу 969.000 евра, но во проценката влегува и земјата со површина од 1.517 квадратни метри, чија цена, според правилникот и категоризацијата, изнесува 35.000 денари за квадрат, или вкупно 863 илјади евра. Но, истакнува Асани, земјиштето било проценето по грешка бидејќи, како што вели, Агенцијата ниту го поседува ниту го продава во пакет со куќата со внатрешна површина од 162 квадратни, плус помошни простории. Затоа, како што нагласува, направена нова проценка само на објектот на околу 112.000 евра, колку што е почетна цена на наддавањето закажано за 25 месецов.

-Според актуелниот закон за конфискација на сила од 2015 година, во судските пресуди се наведува конкретно и таксативно имотот што се запленува, но Марковиќ е осуден според стариот закон, според кој се запленува цел имот и се продава додека не се врати сумата за која е оштетена државата. Во правосилната пресуда за Марковиќ стои дека му се одземаат пари и друга „непосредна и посредна имотна корист“. Досега, Агенцијата во 2013 година му одзема 11 милиони денари и продаде акции во негова сопственост, но се уште е далеку од постигнување на сумата од 9 милиони евра – вели Асани.

Воедно, тој додава дека постапката за продажба на конфискуван имот врз основа на правосилна пресуда е доста сложен и нема никаков простор за импровизации. Имено, како што појаснува, прво директорот изразува намера за продажба пред Управниот одбор, по што Агенцијата се обраќа до судот, обвинителството, правобранителот, катастарот и други надлежни органи, кои треба да дадат зелено светло дека имотот е неоптеретен и може да се оттуѓува. На крајот, постапката завршува во Владата, каде поминува на две комисии и потоа конечниот збор го даваат министрите на седница.

-Откако претходно ќе се изврши вештачење на имотот и ќе се одреди неговата вредност, се објавува оглас во Службен весник и два дневни весници. Постапката е целосно транспарентна и на неа може да учествува секој заинтересиран. Потребно е да поднесе документација и да уплати капар од 10 отсто од проценетата вредност на имотот што се огласува. Потоа, наддавањето се одвива електронски и нема никаков начин да се манипулира – вели Асани, кој ги повикува сите заинтересирани да учествуваат на лититацијата за куќата на Водно, но и на сите други лицитации организирани во Агенцијата.

Како што веќе објавивме, правниот застапник на Марковиќ-Драги Методиев, поднел кривична пријава против Асани и други лица за несовесно работење, бидејќи, според подносителот, Асани ја злоупотребил положбата и овластувањата на начин што издал наредба за вештањето на имотот на Водно, иако за имотот е поведена и судска постапка пред скопскиот граѓански суд за утврдување на право на сопственост со предлог за привремена мерка, која се уште е во тек. Како што се наведува во кривичната пријава, Асани не смеел да го стави на продажба имотот согласно Законот за кривична постапка и Законот за управување со конфискуван имот.

Влатко Стојановски

Поврзани новости