Асад: ЕУ треба да се плаши од џихадистите кои ги поддржува, а не од бегалците

by Fokus

Сирискиот претседател Башар ал Асад во интервју за руската ТВ РТ изјави дека е „лицемерен“ стравот на европските народи дека Турција ќе им испрати бегалци.

Тој ја обвини ЕУ дека продолжува да спонзорира тероризам во Сирија.

Сирискиот лидер тврди дека најголема грижа на ЕУ треба да бидат „стотиците илјади џихадисти со кои е во сојуз“, а не бегалците од Сирија кои турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган се заканува дека ќе ги пушти.

– Како можете да се плашите од неколку милиони луѓе, од кои повеќето се умерени и меѓу кои има малку терористи, а директно ги поддржувате десетиците, можеби и стотиците илјади терористи во Сирија и не се плашите дека тие ќе се вратат во вашите земји?, прашува Асад.

Асад во интервјуто наведува дека меѓу оние кои побегнале од Сирија би можело да има екстремисти, но повеќето бегалци не претставуваат закана за разлика од очајните џихадисти кои би можеле да се свртат против своите покровители.

Односот меѓу ЕУ и Турција, тој го оценува како однос „љубов и омраза“. Асад нагласи дека иако ЕУ „го мрази“ турскиот лидер, сепак европските лидери не можат ништо освен да го послушаат што има да каже.

– Всушност, односот меѓу Ердоган и ЕУ е комплексен: го мразат, но го сакаат, истакна сирискиот претседател.

Поврзани новости