Арсовски: Тунџев изготвил вештачење иако немал важечка лиценца за вештак

by Fokus

Сведоци сме на ново, најбрутално прекршување на законите и уништување на правосудството директно од страна на судот и директно од директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Борис Тунџев, а поврзан со предметот “Топлик“, вели Димче Арсовски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Државната Комисија за Спречување на Корупција децидно се произнесе дека заради судир на интереси Борис Тунџев, како директор на катастар, не смее, внимавајте НЕ СМЕЕ, да изготвува вешто мислење, бидејќи е спротивно на Законот за спречување на корупција и судир на интереси и на Законот за катастар на недвижности. И покрај тоа, овој владин функционер и послушник на Заев, по втор пат ја злоупотребува својата службена положба во овој предмет и изготвил вештачење, кое би требало да биде единствениот доказ врз основа на кој обвинетите можат да бидат осудени. Кадија те тужи, кадија те суди.

Како што споменав претходно, ова е второ прекршување на законот од страна на Борис Тунџев во истиот предмет. Првото прекршување е уште во периодот кога предметот бил во фаза на истрага и на барање на СЈО, Тунџев, иако немал важечка лиценца за вештак, лажно претставувајќи се како вешто лице, изготвил вештачење какво што му било наложено од страна на двајца поранешни специјални обвинители и за тоа добил средства од буџетот на државата.

Во тој период, неговата ќерка е вработена во СЈО, со што Тунџев и тука го прекршил Законот за спречување на корупција и судир на интереси. За ова прекршување на законите, против Борис Тунџев веќе има кривична пријава и постапка која е во тек.

Го повикуваме Јавното Обвинителство, по допрен глас, веднаш да поведе постапка против Борис Тунџев за постапување спротивно на Законот за спречување на корупција и Законот за катастар на недвижности, како и злоупотреба на службената положба и овластување од Кривичниот Закон.

Ја повикуваме Државната Комисија за Спречување на Корупција, согласно нивните надлежности, а во врска со Мислењето кое веќе го имаат дадено, веднаш да преземат дејствија против Борис Тунџев за прекршување на двата претходно кажани закони, како и против судскиот совет, кој го отфрла мислењето на ДКСК.

Ја повикуваме и целата правосудна фела, Народниот Правобранител, како и сите организации кои што ги следат реформите во правосудството, будно да го набљудуваат овој предмет, бидејќи овде станува збор за пример како не треба да функционира судството и пример за флагрантно кршење на сите права на обвинетите.

Ги повикуваме исто така и Канцеларијата на Европската Унија, како и Амбасадите во Република Македонија, да го следат и да го нотираат овој случај, кој е еклатантен пример за уназадување на реформите во правосудството и кршење на човековите права согласно сите домашни и меѓународни стандарди“, додаде Арсовски.

Поврзани новости