Арсовски: Семејна фирма на Бочварски доби милионски тендер еден ден откако стана министер, а власта молчи

by Фокус

Три дена молк од страна на власта за скандалот во кој општина Штип и доделува тендер на семејната фирма на министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, изјави на прес конференција Димче Арсовски, портпарол на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

-Никој од власта, ниту Бочварски, ниту Владата, ниту надлежните институции не одговараат како е можно милионски тендер да добие фирмата „Де Лукс“, фирма на чичкото Владимир и таткото Венцислав Бочварски еден ден по неговото назначување за министер за транспорт и врски. Замислете, целокупната постапка на тендерот се води додека Благој Бочварски е градоначалник на Штип, а се официјализира првиот ден кога тој станува министер. Замислете, народните пари ги претураат во приватните сметки и се прават како ништо да не се случило – рече Арсовски.

Тој додава дека во случајов постои сериозен сомнеж за корупција, криминал и злоупотреба на службена должност.

-Вице премиерот Љупчо Николовски, кој е назначен за квази борба со корупцијата, да имаше барем грам доблест ќе побараше разрешување на Бочварски, ама молчи бидејќи ова е партискиот модус операнди за лично и семејно богатење кој што го воведе Заев во Струмица, а веќе метастазираше низ цела Македонија. Веќе не плачат 10.000 семејства што СДСМ и Заев ги крадат како во Струмица, туку веќе плачат 400.000 семејства, односно целата држава – истакна Арсовски.

Поврзани новости