Арсовска без медиуми го славеше Денот на пожарникарите

by Fokus

Актуелната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска денеска сама го славеше Денот на пожарникарите, со оглед на тоа што не беше повикан нити еден од медиумите да присуствува на настанот.

За првпат во историјата на Македонија се случува тоа, градоначалник да не викне новинари да го покријат настанот. Но, тоа не е ништо ново во последните неколку месеци, поточно откако Арсовска стана градоначалничка.

Таа веќе подолг период ретко комуницира со медиумите, односно од службениот маил на Град Скопје се поретко се добиваат одговори на нашите прашања. На почетокот на нејзиниот мандат најави редовен брифинг со н овинарите, но и тоа траеше краток период.

Арсовска пред неколку недели воведе нова пракса, со тоа што единствено се појавува на порталот „Инфомакс“, каде еднаш во неделата дава отчет за сработеното.

Без разлика на тоа што од Кабинетот на Арсовска тврдат дека за нив сите медиуми се исти, сепак, поголемиот дел не добиваат одговори на нивните прашања, или, пак, многу ретко.

Во анализата на „Призма“, тие побарале одговор од Град Скопје дали за нив не е проблематично тоа што за овој портал има десетина одлуки на Советот за етика во медиумите затоа што го прекршил Етичкиот кодекс на новинарите, но не добиле повратен одговор.

Во втората епизода на „Инфомакс“, Арсовска рече дека ѝ е задоволство што гостува во ваква емисија, што го опиша како „иновативна идеја“, а критиките ги објаснуваше дека така е со секој почеток – „иновативните идеи да наидуваат на отпор“.

Ирена Мулачка

Поврзани новости