Арманда Хиса: Рама ја искористи „платформата“ за свои политички поени во Албанија

by fokus

Арманда Хиса која е научник и антрополог од Тирана кој ги проучува етничките односи но и национализмот на Балканот, во интервју за Дојче веле на македонски јазик вели дека интервенцијата на албанскиот премиер Еди Рама со „платформата“ на албанските партии била мешање во внатрешните работи на Македонија, наменета за албанската јавност. Според неа, функционерите на партиите на македонските Албанци се злоупотребени за целите на политичката криза во Албанија.

„Ако земјата е во криза, таква една платформа може да ги влоши односите. Се сеќавам во 2012 година, кога се прославуваше стогодишнината од независноста на Албанија, имаше една изјава на Сали Бериша и спикерот на албанскиот парламент, Јозефина Топали, и се сеќавам дека кога таа дојде во Скопје во Собранието кажа нешто националистички глупаво. Бидејќи во Македонија немаше криза, а љубовта меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ беше на највисок степен, а Груевски и Бериша добро се разбираа, тие изјави немаа никакво влијание во односите меѓу двете земји. Но сега кризата во Македонија е многу голема, па и изјавите на политичари од втор или трет ранг, како онаа на Мерсила Дода, може да го рашират огнот. И од мали нешта може да има последици“, вели Хиса.

Според неа оваа интервенција на Рама е мешање во внатрешните работи на Македонија и можеби во некои други околности тоа немаше да предизвика последици.

„Но собирањето на албанските партии во Тирана, како ним да им е премиер Еди Рама, како да се дел од албанската држава, а не дел од македонските институции, е многу симболичен акт, па дури и да немаше никаква платформа. Тие како да дојдоа кај Кумот. Овој симболичен чин е ставање на носот онаму каде што не треба, во внатрешните работи на друга земја.

Но, зошто беше направено тоа? Затоа што и во Албанија има сериозна криза. Имаме проблем со канабисот како никогаш досега. Во овие 27 години демократија Албанија секогаш беше коридор за дроги. Но никогаш голем произведувач. Повеќе години канабисот се произведуваше во околината на Ѓирокастро, во Лазарат. Во 2013 година го затворија Лазарат, двајца полицајци беа убиени. Оттогаш секаде во Албанија, од северните високи планини до полињата на југот, канабисот се произведува насекаде. Веќе нема сериозно производство на жито, на компири, домати… Сега 80 проценти од обработливите површини и падините на планините се полни со канабис. Видливо е дека производството на канабисот е контролирано од владини канали. Секои две до три недели се откриваат нови лаборатории за дроги. На политичко ниво проблем беше со реформата на судството. Таа беше направена без учество на опозицијата, Демократската партија“, вели Хиса.

Според неа „платформата“ и улогата која Рама сакал да ја зазеде како „татко на Албанците“ во регионот, всушност имале за цел да ги замачкаат неговите домашни проблеми, како проблемот со канабисот, отсуството на договор меѓу власта и опозицијата околу изборите и реформата на судството, но и други проблеми.

Таа вели дека од 2001 година наваму односите меѓу Македонија и Албанија се добри. „Не се сјајни, но се добри. Албанија има многу повеќе проблеми со Грција, отколку со Македонија. Ова дојде навистина од никаде. Мислам дека сето тоа е поврзано со внатрешните проблеми на Албанија од 2016 година до денес, кога почна политичката криза околу реформата на судството. Кога Рама почувствува дека може да биде делегитимиран, тој се обиде да ја искористо кризата во Македонија во своја корист“, додава Хиса.

Поврзани новости