Арманд Асанте: Ќе дојдам во Македонија за филмот за холокаустот

by fokus

Текстот е објавен на 9-ти ноември 2018 година во бројот 1205 на неделникот „Фокус“

Себеси се доживува како бран, кој има енергија да патува без престан и до недоглед. Живее само и исклучиво по свои правила. Арманд Асанте, и Наполеон и мамбо крал, сам за себе тогаш кога ќе посака.

Првпат го сретнав сосема случајно. Во Будимпешта. Го препознав и му пријдов. Се запознавме и се фотографиравме. Толку. Гледав како си заминува. Се запрашав дали никој не го препознава, или…!? 

По 20 години го сретнав на Хвар во еден ресторан на Паклените Острови. Беше со екипа од дваесетмина филмски работници. Го замолив персоналот да појде до него и да му ја покаже фотографијата, која ја имам во мобилниот, стара 20 години. Што се случи потоа. Еве

Разговараше: Тања ТРАЈКОВСКА

ФОКУС: Што барате овде, од каде Вие во Хрватска, тука на Палмижана, на Паклените Острови?

АСАНТЕ: Ух…, овој Хвар, има нешто неодоливо во себе. Истовремено е бурен, буен, надојден, но и бесшумен… знае да ти сервира софра од вкусови и вина кои слатко ти ги скокоткаат сите сетила, кои те маѓепсуваат и од кои ти иде да викаш на цел глас, за потоа да се вовлечеш во некој залив и да станеш едно со звукот на морската и тишината на ветрот. И тоа го нема нигде. Ниту на Мартиник, ниту на Кариби, Сејшели… Не! Тоа е Хвар.

Но, покрај ова, тука сум и зашто работам на еден филм во околината на Загреб, а истовремено му помагам и на еден пријател за неговиот документарец. Со Бранко Лустиг правиме документарен филм за холокаустот. Мислам дека ќе треба да дојдеме и во Македонија по тој повод. Но, за оваа приказна, за сега толку. Ќе видите и ќе чуете за некое време.

ИМАМ ДОБРА ФАНТАЗИЈА

ФОКУС: Кога ја видовте фотографијата, на која сме двајцата од пред 20 години, која Ви ја покажа келнерот, веднаш се обѕрнавте наоколу и речиси рипнавте од столчето и ми тргнавте во пресрет. Што беше ова, љубезност на актерот или можеби дури инстинкт да се видите себеси од пред 20 години во лицето на другиот и тоа на некој сосема непознат!?

АСАНТЕ: Всушност, дали сакате да ви ја кажам вистинската причина зошто го прифатив овој разговор со Вас и зошто изрипав од столчето како што велите Вие?

ФОКУС: Се разбира дека сакам, бидејќи бев убедена дека ќе одбиете. Мислам, сигурно не Ви треба публицитет допрва и тоа во мали земји, кои се ретко целна група на личности од Ваш ранг.

АСАНТЕ: Видете, ако некој шета наоколу со моја фотографија во својот ајфон, цели 20 години, што да си помислам. Си реков, дали е можно некој да ме шета со себе насекаде во својата мобилна фотобиблиотека?!

Од друга страна, тоа ми дава за право да помислам дека дури и тогаш пред 20 години сум оставил впечаток. Не се сеќавам каков, но се надевам сладок (се смее).

Инаку, сите ние се гледаме едни во други. Во нечии очи гледаш преговарање со животот, во нечии други гледаш преживување, негде гледаш отсуство на проток, некому стои сѐ, некој се движи и плива како ова море пред нас. Некој…

ФОКУС: Вие!?

АСАНТЕ: Јас!? Јас сум набљудувач. Тоа е напорен избор. Но, свесно го одбрав. Јас сум ти, драга моја, јавен изведувач на животот од својата четиринаесетта година. Никогаш не се сокрив од животот. Цел живот му гледам директно в очи и цел живот слушам што сака да ми каже. Неселективно. И арното и лошото го гледам и слушам. Право во очи. Од дете сум во костец со мојата страст да ги набљудувам и да пијам од сите извори на животот. И тоа никогаш не ме остави рамнодушен. Јас живеам живот на повеќе од 10 луѓе истовремено. Јас сум видел и доживеал повеќе отколку 100 луѓе заедно.

ФОКУС: Како мислите?

АСАНТЕ: Како, па така… Имам илјадници списи, забелешки, фотографии, филмови. Сѐ се тоа документирани случки, средби, состојби… Имам недоброени белешки за сѐ што сум видел и за сѐ што ми се случило. Никаде не одам без мојата камера и без мојот нотес. Но, знаете, јас не сум само тапациран мебел за она што го набљудувам. Јас сум штоф кој го чувствува секој допир и движење наоколу. И знам што е точно, а што безвредна измислица. Згора на тоа, имам добра фантазија.

ГО САКАМ ОНА ШТО Е НЕВИДЛИВО

ФОКУС: И? Што се Ви се случи за овие 20 години, откако не сме се виделе од Будимпешта?

АСАНТЕ: Ах, што се случило… Ништо повеќе од тоа што ќе се случи во следните 20 години. Знаете, јас сум актер. Ние актерите сме  вечни студенти на светот. Тоа е нашата карма. Но, она на што најмногу работев, не само овие 20 години, туку сиот свој живот е свесноста. Свесноста за заштита и заштеда на сопствената енергија. И неизмерно сум среќен поради тоа, бидејќи уште кога бев момче, си создадов навика да не ја трошам енергијата, туку да ја чувам. Ако можеш да ја зачуваш својата енергија, тогаш можеш да култивираш повеќе енергија и да ја опкружиш својата аура со добри енергии, сила, ум, љубопитство, но и спокој, истовремено.

ФОКУС: Звучите по малку метафизички. Медитирате, практикувате некои духовни вештини!?

АСАНТЕ: Не, имам развиено „трето око“. Јас сум голем набљудувач. И она што ме допира најмногу е она што е невидливо со голо око. Работите кои ние луѓето ги отфрламе или едноставно ги пропуштаме од немарност, или по навика, се всушност најзначајните.

Јас постојано го следам однесувањето кај луѓето. На пример, честопати се случува да наидеме на музичар на улица, кој игра за толпата. Таа, пак, толпата ги фрла своите монети во неговата шапка, ќе постојат некое време и си заминуваат. Но, ако треба да го следите тој музичар кога ќе заврши со играњето, може да го најдете на друго место во градот, ноќе сам, сѐ уште на улица, како сам си игра… за себе… од чисто задоволство.

А јас како актер, се обидувам да го барам изворот, за тоа што ги прави луѓето такви какви што се. Сакам да знам кои се, какви се однатре. Сакам да знам зошто го прават тоа што го прават. Се обидувам да го набљудувам она што не се гледа во обичен поглед, односно на прв поглед. Го сакам она што е невидливо. Тоа е тоа, што понекогаш забораваме да го бараме.

ФОКУС: Гледањето во невидливото во животите на другите луѓе, знае понекогаш да биде и опасно. Потоа, не можете да се преправате дека не сте го виделе тоа што сте го виделе. Сте биле ли шокиран, пред нештата што се појавиле пред Вас!? И што правите потоа со нив?

АСАНТЕ: Шокиран, не. Но, тажен, да. Многу! Постојано забележувам дека повеќето луѓе работат многу напорно. За многу малку пари. Секој момент, секој ден од нивниот живот. И тоа само за да преживеат. Немаат одмор, немаат време за ништо друго. Тоа не е живот, тоа е преживување. Сета нивна работна етика, морал, посветеност и сета нивна добрина поминува незабележана, непромислена, невидена, неповратно потрошена … Е тоа е она што е навистина невидливо за светот, а што за мене е толку многу понижувачки и многу вознемирувачки.

Мислам дека сите нешта со кои се соочуваме денес се поврзани токму со ова однесување. Затоа што сите ние, целото човештво сме поврзани заедно. Светот зависи од „однесувањето“ во нашите меѓусебни односи.

Затоа, сега сакам и нешто друго да кажам. Кога ја видов фотографијата што ми ја покажа келнерот, се сетив на местото каде што бев на таа фотографија… тоа беше во Будимпешта …. И точно, тоа беше мојата прва помисла. Но, јас веднаш по таа наша средба морав да одам во Африка. И ми се врати сликата пред очи, кога бев во Африка 27 години пред тоа…, не долго по војната Биафра во Нигерија. Тогаш, гледајќи ги последиците од таа војна, тој ужас…, тоа остави неизбришлива трага во мојот живот. Тоа радикално го смени моето размислување, за сето она што го барам во животот и за тоа како ги гледам работите потоа што го видов таму.

ГИ ПРЕГРНУВАМ ПРОБЛЕМИТЕ

ФОКУС: Што гледате овде, во Хрватска?

АСАНТЕ: Исто така, случајно дојдов овде во оваа многу убава земја, овде во Хрватска, по војната во 1990-тите и сè што можев да мислам е како да си помагаме едни на други. Почнав да снимам документарец за тоа. Оттогаш се враќам постојано овде. За среќа, оттогаш Хрватска е многу променето место. Значи, сега кога гледам на убавината на овој остров, на Хвар, можам многу посериозно да го почитувам сето тоа. Го набљудувам во корелација со моите први впечатоци и заклучувам колку сè може да биде краткотрајно ако не се грижиме за таа скапоценост. Истото се случува, се разбира, и ако не се грижиме едни за други. Не знам како е кај вас во Македонија. Затоа сакам да дојдам и да видам.

Од друга страна, среќен сум што целиот свој живот работам буквално низ целиот свет. А сѐ уште и на оваа возраст сум исклучително љубопитен. Всушност, јас сум во она доба од мојот живот кога го следам егзистенцијализмот… и постојано добивам потврда за цинизмот, еден толку силен печат на ова време во кое живееме денес. Затоа секојдневно се обидувам да управувам со фреквенциите меѓу афирмацијата и тагата.

ФОКУС: Што е со Вас, дали Вие лично сте искусиле страдање или, исто така, како момче научивте да играте на „безбедната карта на животот“, кога сте Вие самиот во прашање?

АСАНТЕ: Страдање? Не ми е познато тоа. Јас лично не сум страдал во животот. Но, имам многу луѓе во мојот живот кои го искусиле тоа и правам сѐ што можам за нив. Мојата страст за животот, не се однесува само на она што зборот страст значи во својата суштина. Јас сум подеднакво страстен и кога се проблемите во прашање и кога треба со сета своја сила да се конфронтирам за нешто што е неисправно и нечесно. Исто така сум страстен и за решавањето на своите проблеми. За соочувањето со нив. Постојано се занимавам со нив и признавам дека постојат. Но, не им бегам, туку ги прегрнувам. Секогаш го барам решението. Никогаш ништо не потпикнувам под тепих. Дури и моите неистомисленици секогаш ги повикувам, заедно, на маса да ги расчистиме нештата. Мислам дека поголемиот дел од нашите животи, кога не сме ангажирани професионално, мора да го посветиме на расчистување на патот, така што оние што навистина ги сакаме, можат да го избегнат страдањето.

ФОКУС: За што имате нулта толеранција, за што најмногу сте подготвен да излезете на двобој?

АСАНТЕ: Имам нула толеранција за сите тие што сакаат да ни спуштат завеса пред нашите очи. Немам милост за нив. За ова се борам и викам колку што ме држи гласот. Целиот мој живот. Јас ќе објавам книга еден ден за сето ова. Ќе раскажам како, кога сите околу вас се хиени, вие едноставно мора да бидете лав. Затоа што животот е таков каков што е, но сите ние мора да бидеме верни на нашите принципи. Нула толеранција и кон себе, исто така. Само ова дава вистински мир на умот и духот.

ВЕРУВАМ САМО ВО АКЦИЈА

ФОКУС: Дали имавте ментори, луѓе кои ве учеа на ова во младоста, или сте сосема самоук набљудувач и некој што го доживува животот директно и од прва рака?

АСАНТЕ: Прво, сакам да ви кажам дека секогаш се потпирам на моето трето око. Мојата конечна анализа на која било состојба е во нераскинлива врска со моето трето око. Првата мисла и импулс се обично точни. Тоа е дарба. Јас сум среќен што ми е дадено ова. Од друга страна, јас се радувам што не бев доволно глупав за да го земам својот живот здраво за готово. Во животот треба да дејствуваме. Преземањето премногу грижа за себе води кон опасни лавиринти за сопственото патување. Се справив со ова на 14-годишна возраст. Тогаш бев темпераментен. За среќа, престанав. Ги зачував мојата љубопитност, фантазија и енергија.

ФОКУС: Имате 68 години. Дали стареењето ве плаши?

АСАНТЕ: Не, никако. Па јас сè уште можам да ги направам истите работи што можев да ги направам на 24-годишна возраст. Некои од нив и уште подобро (се смее). Јас сум многу натурален човек. Ги правам истите работи што ги правеле луѓето векови наназад. Јавам коњи, едрам, пливам, ги тримам исушените гранчиња и дрвца на мојата фарма, пешачам длабоко во шумата. Таму слушам. Таму слушам сѐ. Тишината е многу гласна. Колку е подлабоко во шумата, толку попрецизни се одговорите.

ФОКУС: Семејство!? Имате време за нив? Кои Ви се таму правилата и најважните координати?

АСАНТЕ: Таму никој не смее да посегне. Стојам со непробоен штит пред моето семејство. Откога ја почнав оваа приказна, некаде кога имав 32 години, не сакам да звучам како да се фалам или да бидам претенциозен, но јас секое утро се будам весел. Всушност, најважно за мене беше во моето семејство да се негуваат веселоста и спокојот. Сакав да ги научам моите деца да го почитуваат тоа. Најмногу веселоста и спокојот, за да научат како да го избегнуваат страдањето во животот.

ФОКУС: А Вас, што ве научија Вашите родители? Како Ви ја пренесоа и како Вие ја преработивте на себе италијанско-ирската комбинација? Што зедовте од едното, што од другото влијание?

АСАНТЕ: Семејството на татко ми потекнува од Порто ди Наполи, додека мајка ми е од Ирска, а тоа е комбинација составена од љубопитни немири. Тоа е страста што е вбризгана во мене од моите родители, моите џинови, моите херои. Тие ми ја подарија вештината да туркам низ сите хоризонти на животот. Тие ми ја подарија љубопитноста и страста за живот. Акција. Јас верувам само во акција. Тоа е нешто што го храни моето срце. Секој ден работам многу. Како коњ работам. Тоа е во мојата ДНК, но тоа не значи дека не сум свесен за кршливоста на нашите животи. Еден ден ќе умреме сите, но секој друг ден не.

ФОКУС: Дали се плашите од нешто?

АСАНТЕ: Да. Се плашам од фактот дека има повеќе сиромашни луѓе кои чекаат да се нахранат и секој ден има сѐ повеќе мозоци што се неодговорни. Тоа ме плаши многу. Се плашам од корупција, фашизам, се плашам од експлоатација и запоставување на основните човекови права. Тоа е единственото нешто што ме прави немирен, буден и бесен цела ноќ.

ФОКУС: Кога се гледате во огледало, што гледате? Каков вид човек од гледна точка на набљудувачот – Арманд? Дали имате способност да го вклучите вашето трето око, како објективен набљудувач кон себе самиот?

АСАНТЕ: Јас повеќе се слушам себеси отколку што се гледам во огледало. Ги слушам моите бранови и моите татнежи. Постои место каде што невремето и мирот се среќаваат и допираат. Ако можете да стигнете дотаму, тогаш ме имате и мене.

П.С.

АСАНТЕ: Поздравете ми ја Македонија.

ТРАЈКОВСКА: И Вие поздравете го светот од Македонија. Се гледаме повторно за 20 години. Вие тогаш ќе имате 88, а јас ќе бидам на Ваша возраст.

АСАНТЕ: Се разбира, се гледаме. Чувај ја оваа радост што ја носиш во себе. И, се разбира, мојата фотографија во твојот мобилен.

ТРАЈКОВСКА: Ветувам…

Поврзани новости