(АРХИВА) Зошто 5 институции ја ангажирале несудената конзулка Бесмира Ејупи?

by Фокус

Текстот е објавен на 2-ри март 2022 година во неделникот Фокус со број 1.378.

Антикорупциската комисија денеска соопшти дека поднесува иницијатива до Јавното обвинителство за гонење на одговорните лица на Државното правобранителство и општините Петровец, Сарај, Брвеница и Чаир за склучените договори за дело со новинарката Бесмира Ејупи. Инаку, антикорупционерите го отворија овој предмет по пишувањата на Фокус дека ТВ- презентерката што владата сакаше да ја испрати за генерален конзул во Њујорк инкасирала буџетски средства од речиси 12.000 евра преку 39 трансакции реализирани во ланската и тековната година.

Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Младата ТВ-презентерка Бесмира Ејупи влезе во центарот на вниманието откако владата се обиде да ја испрати да биде шеф на дипломатско-конзуларното претставништво во Њујорк, иако не доаѓа од редовите на Министерството за надворешни работи, ниту е соодветна личност за таа функција.

Во ситуација кога се работи за таканаречен надворешен човек, Законот за надворешни работи предвидува дека конзул или амбасадор може да биде само „афирмирана личност во областа на надворешната политика и меѓународните односи“.

Во меѓувреме, шефот на дипломатијата, Бујар Османи, и целокупната влада никогаш не признаа дека предложиле, односно донеле вакво контроверзно кадровско решение, користејќи го фактот што одлуката била донесена на затворена владина седница.

Сепак, неофицијалните информации говореа дека ваков предлог стигнал од МНР до Илинденска, дека предлогот бил усвоен на затворена владина седница, меѓутоа, под притисок на јавноста, на друга затворена седница била повлечена ваквата одлука.

Обидувајќи се направи менаџмент на штета, односно да се извлече од неповолната ситуација, Османи се правдаше дека ги пополнил челните места во дваесетина ДКП-а, при што најголем број од лицата, како што рече, биле дипломати од кариера.

Притоа, тој ја обвини опозицијата дека е лицемерна, бидејќи, како што рече, во нејзино време биле праќани некомпетентни лица за амбасадори од типот на вработени во фабрика за чоколадо, детска градинка, старски дом…

НЕПОДОБНИ И ПАРТИСКИ КАДРИ

Како и да е, тој не може да се амнестира од несоодветните кадровски решенија во својот мандат, дотолку повеќе што не се работи само за Ејупи. Имено, претходно за генерален конзул во Чикаго бил испратен синот на политичкиот аналитичар Алберт Муслиу.

Станува збор за Петрит Муслиу, кој, исто така, нема дипломатско искуство. Неодамна, пак, на амбасадорска служба во Италија замина испратен довчерашниот лидер на владејачката НДП и поранешен пратеник Весел Мемеди.

Вакви примери со луѓе без соодветно образование или искуство во дипломатијата, или, пак, со луѓе кои можеби можат да се вклопат во профилот „истакнати лица“, меѓутоа имаат неспорен партиски и политички бекграунд, има безброј.

Затоа, целосно се издржани ставовите на поранешни и сегашни дипломати од кариера, кои оценуваат дека нашата дипломатска мрежа е контаминирана со, како што потенцираат тие, неподобни и партиски кадри.

Сепак, овојпат ќе се задржиме на личноста, која беше повод да се отвори темата за состојбите во дипломатската мрежа – несудената конзулка во Њујорк.

Според податоците што ги обезбеди „Фокус“, по неуспешниот обид да влезе во Комисијата за антидискриминација, таа стана дел од органите на ЈП Железници инфраструктура, додека во меѓувреме, се нашла на платниот список на Државното правобранителство и на четири општини.

ЧЛЕН НА НАДЗОРЕН ОДБОР

Инаку, информации за образованието и работното искуство на Бесмира Ејупи може да се најдат во нејзината биографија што ја испратила до Собранието кон крајот на 2020 година, кога се пријавила по огласот за член на Комисијата за заштита од дискриминација.

Набргу подоцна, оваа Комисија се екипираше без Ејупи, меѓутоа таа во меѓувреме стана член на Надзорниот одбор на Јавното претпријатие Железници инфраструктура, со кое директорува Хари Локвенец.

Во нејзиното си-ви стои дека дипломирала на одделот за меѓународна комуникација на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, а била магистрант на Правниот факултет при ФОН.

Што се однесува до работното искуство, таа навела дека работела како новинар-презентер во ТВ Жупа, ТВ Алсат, ТВ Нова… Покрај тоа, приложила сертификати дека е уважен амбасадор за животна средина, дека има познавање на англиски јазик итн.

Дополнително, Ејупи посочила дека има способност за одлична комуникација, за координирање меѓу различни сектори, за решавање ад хок проблеми, за планирање и следење, како и дека поседува развиени лидерски вештини и умешност за вербална и писмена артикулација…

Воедно, таа навела уште неколку способности – останува позитивна под притисок, ги мотивира членовите на тимот кога тие се под притисок, се организира добро и спречува стресни ситуации, овозможува да се разберат луѓето, да учи од секој…

ДРУГИ ДОГОВОРНИ УСЛУГИ

Патем речено, таа поднела и изјава во која, под материјална, морална и кривична одговорност тврди дека не е член на политичка партија, ниту, пак, дека вршела политичка функција.

Освен што влегла во органите на ЈП Железници инфраструктура, откако не била избрана за член на Антидискриминаторската комисија, официјалните податоци покажуваат дека за време на оваа и ланската година истовремено соработувала со неколку институции.

Поточно, пребарувањето во алатката „Отворени финансии“ открива дека лице со име и презиме Бесмира Ејупи фигурира како примател на јавни средства од 5 буџетски органи.

Во таа смисла, остварила соработка со Државното правобранителство и 4 општини во периодот 2021-2022 година под ставката 425990, со која, според Правилникот за класификација на расходите, се означуваат „други договорни услуги“.

Севкупно, станува збор за 39 трансакции кон Ејупи во вкупна вредност од 732.593 денари или речиси 12.000 евра. Податоците покажуваат дека најмногу од овие трансакции доаѓаат од Државното правобранителство, од каде што е исплатена и најголема вкупна сума.

Ист број трансакции кон Ејупи се регистрирани и од Општина Чаир, меѓутоа поголема вкупна сума во иста насока е исплатена и од Општина Сарај. Најголемата поединечна трансакција, пак, доаѓа од Петровец, додека една помала трансакција е адресирана и од Брвеница.

БУЏЕТСКИ ТРАНСАКЦИИ

Конкретно, Државното правобранителство, кое од 2018 година го предводи државниот правобранител Фехми Стафа, реализирало 11 трансакции кон Бесмира Ејупи во вкупна вредност од 247.658 денари, или околу 4.000 евра.

Според официјалните информации, исплатите почнале во април 2021 година, а последната трансакција е регистрирана во февруари годинава. Сите трансакции биле во износ од по 24.900 денари, со исклучок од две од 9.485, односно 14.073 денари.

Исто така, 11 исплати кон Ејупи во истиот период се извршени од Општина Чаир. Десет од овие 11 трансакции изнесуваат 9.000 денари, додека една изнесува 4.935 денари, што значи дека вкупно од оваа општина биле исплатени 94.935 денари или околу 1.500 евра.

Иако од Општина Сарај била извршена една трансакција помалку, сепак вкупната исплатена сума кон Ејупи е поголема и изнесува 210.000 денари или околу 3.400 евра, имајќи предвид дека сите 10 трансакции се во износ од по 21.000 денари.

Она што е заедничко за овие две скопски општини е тоа што тие се предводени од градоначалници од редовите на владејачката ДУИ – Висар Ганиу и Блерим Беџети.

Сепак, Ејупи фигурира и на платниот список и на уште една општина во близина на Скопје – Општина Петровец  која е предводена од градоначалник од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е Општина Петровец на чело со долгогодишниот градоначалник Борче Митевски.

РАБОТНИ ЗАДАЧИ

Имено, од буџетот на оваа општина на личната сметка на Ејупи легнале вкупно 160.000 денари или околу 2.600 евра преку 6 трансакции, така што 5 од нив се во износ од по 20.000 денари, а една изнесува 60.000 денари, што всушност претставува најголема поединечна трансакција исплатена од некоја институција кон Ејупи.

На крајот, една трансакција од 20.000 денари е регистрирана и од руралната тетовска Општина Брвеница, каде што на последните локални избори победи Јовица Илиевски од ВМРО-ДПМНЕ. Арно ама, треба да се нагласи дека исплатата кон Ејупи датира од април лани, кога градоначалник беше Енвер Пајазити од ДУИ.

Како е можно несудената конзулка во Њујорк да соработува и да прима средства од 5 институции истовремено и какви се тие „други договорни услуги“ по основ на кои се вршат исплатите? Од Ејупи не добивме одговор на ова прашање, па се обративме до споменатите институции.

До затворањето на весникот, одговор добивме од Државното правобранителство, од каде што ни посочија дека ја ангажирале Ејупи за студиско-аналитички и нормативно-правни работи, за подготовка на стручни анализи, за комуникација со медиумите, Владата итн.

Што се однесува до општините, нѐ искомуницираа само од Општина Брвеница, од каде што добивме информација дека во договорот склучен меѓу општината и Ејупи не се дефинирани работните задачи што таа ги извршила или требало да ги изврши?!

Од сето тоа, се поставува прашањето дали овде има работа за истражните органи со овластувања да проверат дали овие буџетски исплати се реални и основани? Доколку не се, тогаш што се крие зад нив?


Државно правобранителство
ИМАМЕ НЕДОСТИГ ОД КАДАР, ПА ЈА АНГАЖИРАВМЕ ЕЈУПИ

Од Државното правобранителство на чело со Фехми Стафа велат дека Бесмира Ејупи ја ангажирале за извршување повеќе работни задачи поради недостиг од соодветен кадар, кој, како што истакнуваат, не можел да се обезбеди преку постапките за редовни вработувања. Како што посочуваат од таму, ставката „други договорни услуги“ означува дека бил склучен договор на дело.

Со лицето Бесмира Ејупи е склучен договор на дело за вршење студиско-аналитички и нормативно-правни работи, остварување комуникација со медиумите, владата и со други државни органи, подготвување стручни анализи за процесот на реализација на заклучоци на Владата, согласно потребите на државното правобранителство“, стои во одговорот што го добивме од институцијата, чија примарна задача е заштита на интересите на државата.


Општина Брвеница
ВО ДОГОВОРОТ НЕ СЕ ДЕФИНИРАНИ РАБОТНИТЕ ЗАДАЧИ

Покрај договорот на сума од 20.000 денари, Општина Брвеница и Бесмира Ејупи склучиле уште еден договор врз основа на кој не е реализирана исплата, велат од тетовската општина.

Како што нѐ информираа од таму, извршениот договор од 2021 година е склучен за вршење работи врз основа на Законот за осигурување во случај на невработеност и врз основа на Одлуката за условите, критериумите, начинот и постапката за утврдување и остварување на правото на социјална помош.

Сѐ на сѐ, посочуваат од Општината, договорот има 3 члена, кои предвидуваат дека договорните страни се договориле за потребите на општината, а за вршење на работите на изведувачот на работите ќе му се исплати надоместок од 20.000 денари. И, последниот член пропишува дека договорот е испечатен во 3 примероци.

Со други зборови, во овој договор не се дефинирани работни задачи и обврски на лицето со кое општината го склучила договор и му исплатило средства од општинската каса.

Во однос на другите локални самоуправи, од општините Чаир и Сарај изостана каква било повратна реакција, додека од Општина Петровец нѐ известија дека ќе добиеме информација, но таа не стигна до затворањето на весникот.

Поврзани новости